E-индекс за студенти  Вработени  

  • Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
  •   

Мојот УГД

„Го избрав УГД бидејќи мислам дека во последните неколку години образованието на овој Универзитет се издвојува во споредба со другите образовни институции во нашата држава. Насоката на којашто студирам во иднина ќе ми овозможи многу полесен пристап до сите правни институции во нашето општество, најпрво како волонтер, а потоа се надевам и како вработен. Задоволен сум од тоа што во рамките на овој Универзитет одлично функционира Канцеларијата за кариера, која ни помага многу полесно да дојдеме до информациите во кои претпријатија и институции се отворени слободни места за работа, па дури и да нѐ подготви преку семинари и обуки како да подготвиме кратка биографија, како да се однесуваме за време на нашето интервју.“ Никола Лазаревски, Правен факултет, Студиска програма: Применета политичка и меѓународна дипломатија
 


„Ја сакам историјата и сѐ што е поврзано со неа, а мојот избор за УГД беше пред сѐ поради квалитетот на наставата и секако поволните услови и бенефиции што ги нуди Универзитетот. Мора да споменам дека сум од Св.Николе и тоа што студирам во Штип навистина претставува огромна предност, заради близината трошокот за студирање значително е помал. Овој Универзитет ги има потребните услови за современо студирање, електронската библиотека, електронскиот индекс, електронското учење многу ни го олеснуваат студирањето.“ Маринела Серафимова, Факултет за образовни науки, Студиска програма: Историја и археологија

 


„Бидејќи моето средно образование беше музичко, решив да продолжам по истиот пат, а УГД поточно Факултетот за музичка уметност го избрав пред сѐ поради квалитетниот наставнички кадар кој се грижи за нас студентите да го добиеме вистинското образование. Со организирање на вистински концерти и јавни настапи, овој Универзитет помага за реализирање на нашите желби и амбиции. Задоволство и привилегија е да се учи од наjдобрите: Борис Трајанов, Кирил Рибарски, Тони Китановски, Гоце Мицанов, Васил Хаџиманов.“ Дарко Јованчевиќ, Факултет за музичка уметност, Студиска програма: Музичка теорија и педагогија со народни инструменти

 


 „Во последните неколку години Штип стана вистински студентски град со над 15 илјади студенти, а ние сме среќни што сме дел од еден од најуспешните универзитети на Балканот. Медицинските науки во последните неколку години се во подем, а условите што ги имаме во предавалните и лабораториите се одлични и ги имаме сите потребни услови за практична работа која за нашата професија е многу важна. Се надеваме дека токму ние ќе докажеме и покажеме дека Факултетот за медицински науки – Фармација ги има најквалитетните студенти.“ Ана Николова и Дијана Атанасова, Факултет за медицински науки, Студиска програма: Фармација

 


„Трошоците што секојдневно ги имаме ние студентите на УГД не можат да се споредат со оние на другите универзитети во државава. Стандардот за живеење во Штип е на ниво што секој од нас може да се приспособи, а за пофалба се условите што ги имаме по кампусите. Го избрав овој факултет и оваа насока, бидејќи сметам дека на економијата во нашата земја им се потребни вистински квалитетни кадри, а не се сомневам во тоа дека овој Универзитет ги произведува најдобрите. Како студенти на УГД имаме можност постојано да ги следиме културните настани што се организираат во Мултимедијалниот центар, кој е сместен на нашиот факултет, многу од моите колеги се вклучени и во спортските активности на УГД што е многу добра работа, особено за квалитетно исполнување на слободното време.“ Андриана Тодоровска, Економски факултет, Студиска програма: Финансиски менаџмент

 


„Уште кога завршив средно образование знаев дека УГД е мојата иднина, меѓутоа единствено нешто за што долго време размислував беше донесувањето на одлуката за кој од тринаесетте факултети да се одлучам. Го избрав Филолошкиот факултет, група Англиски јазик, бидејќи знаењето и усовршувањето на овој јазик во време кога тој е универзална алатка за комуникација насекаде може да ми отвори голем број на можности за вработување во иднина.“ Сања Ѓеорѓиева, Филолошки факултет, Студиска програма: Англиски јазик

 


„Студирањето на УГД за мене претставува позитивно искуство. Одлично соработувам со професорите и менторите, а освен тоа имам можност да стекнам практично искуство за мојата идна професија - новинарството. Работам во Универзитетското радио УГД-ФМ, кое функционира во склоп на Центарот за односи со јавноста при УГД. На тој начин знаењето што го стекнувам во студентските клупи го дополнувам со практична работа.“ Ненад Мицов, Правен факултет, Студиска програма: Новинарство и односи со јавноста