Правила и полиса

Во врска со овој сајт

Ова е официјалниот веб-портал на Универзитетот „Гоце Делчев“ (понатаму - УГД) во Штип. Веб-порталот е раководен и одржуван од страна на вработените во Центарот за односи со јавноста на Универзитетот „Гоце Делчев“.

Веб-страниците кои се дел од овој сајт имаат адреси кои изгледаат вака: www.ugd.edu.mk/index.php/stranica, www.ugd.edu.mk/link_kon_dokument или https://poddomen.ugd.edu.mk/.

Во продолжение се некои важни точки што треба да се земат предвид при пребарувањето на овој веб-портал:

•  На Универзитетот постојат 13 организациони единици и за секоја од нив има одговорно лице кое доставува информации за единицата. Секоја единица е независна и одговорна за содржините објавени на веб-страницата.

•  На Универзитетот постојат и центри како посебни организациони единици кои се одговорни за уредување на содржината објавена во делот Центри на веб-страницата на Универзитетот.

•  На Универзитетот постојат и други сервиси кои може да имаат сопствени веб-страници за чиишто информации се задолжени лица од овие сервиси.

•  Страниците на организационите единици може да имаат веб-адреси кои ќе изгледаат вака: http://ceu.ugd.edu.mk

Карактеристиките што ги има веб-порталот се користат за изразување на официјалниот став на Универзитетот и се утврдени со неговиот Стaтут.

Достапност
Главната веб-страница е дизајнирана да се приспособи на W3C (World Wide Web конзорциумот) упатствата.

Пребарување и мапи
Пребарувањето на веб-порталот е овозможено од веб-апликацијата и служи за пребарување на страниците видливи за целата јавност.
Централниот сајт користи Google Maps.

Дизајн на порталот
Порталот на УГД е изработен во веб-апликацијата (Content Management System - CMS) Joomla 2.5.

Порталот е оптимизиран за:
PC - Firefox, IE 9, Гугл Хром, Mac - Firefox 3 и 2, Опера и Safari. Не е компатибилен со постари верзии на Internet Explorer, затоа препорачуваме доколку користите постара верзија на IE да го надградите.

ПРАВНА НАПОМЕНА

Електронската мрежна страница (веб-страницата) на Универзитетот „Гоце Делчев“ е составена од три дела - целини:

1. Дел наменет за информирање на јавноста. Во овој дел се даваат информации од јавен карактер за настаните, случувањата и работата на Универзитетот. Во овој дел се прикажани и информации за вработените, односно наставно-научниот и соработничкиот кадар и административниот кадар. Податоците кои се објавени и поврзани со работниот кадар на Универзитетот се заштитени со Законот за заштита на личните податоци и секоја нивна злоупотреба ќе се казнува согласно со Законот.

2. Дел наменет само за вработениот и договорно вработениот кадар на Универзитетот. Овој дел е заштитен и до него се пристапува исклучиво со корисничко име и лозинка доделени од страна на УГД. Корисничкото име и лозинката се автентични за секој корисник и не смеат да се пренесуваат на трети лица по пат на електронска или каква било друга комуникација. Секое намерно или ненамерно споделување на овие податоци може да доведе до намалување на сигурноста и заштита на податоците, за чии последици понатаму Универзитетот не презема никаква одговорност. Податоците кои се наоѓаат во овој заштитен дел на веб-страницата се наменети за олеснување на работата и навремено информирање на работниот кадар, не се наменети за целата јавност и вработениот е одговорен за нивно проследување до трети лица или споделување со лица кои немаат овластен пристап до овој дел.

3. Дел наменет за студентите на Универзитетот. Овој дел е заштитен и до него се пристапува исклучиво со корисничко име и лозинка доделени од страна на УГД. Корисничкото име и лозинката се автентични за секој корисник и не смеат да се пренесуваат на трети лица по пат на електронска или каква било друга комуникација. Секое намерно или ненамерно споделување на овие податоци може да доведе до намалување на сигурноста и заштита на податоците, за чии последици понатаму Универзитетот не презема никаква одговорност. Податоците кои се наоѓаат во овој заштитен дел на веб-страницата се наменети за студентите на кој било циклус на студии, не се наменети за целата јавност и студентот е одговорен за нивно проследување до трети лица или споделување со лица кои немаат овластен пристап до овој дел.

Одредби кои се однесуваат на заштитата на базите на податоци

ЗАКОН ЗА АВТОРСКОТО ПРАВО И СРОДНИТЕ ПРАВА

(„Службен весник на РМ“ бр.115/10 и 140/10 –испр.)

Бази на податоци

Член 15

(1) Базата на податоци е авторско дело.

(2) База на податоци, во смисла на став 1 на овој член е збирка на податоци, доколку е подредена по определен систем или метод, кон чии елементи може да се пристапува индивидуално преку електронски или други средства.

 ОДДЕЛ 6. Права на изготвувач на база на податоци

 Поим на изготвувач на база на податоци

Член 118

Изготвувач на база на податоци е правно или физичко лице кое презело иницијатива и одговорност за вложување во создавање на базата на податоци, доколку презентира дека извршил квалитативно и/или квантитативно суштинско вложување во прибирање, верификацијата или презентацијата на нејзината содржина.

 Содржина на правата на изготвувачи на база на податоци

Член 119

(1) Изготвувач на базата на податоци има исклучиво право да дозволува или забранува умножување (извлекување) и/или пуштање во промет на примероци, ставање на располагање на јавноста или други форми на јавно соопштување на целината или битните делови на базата на податоци (повторно користење).

(2) Со првата продажба на примерок од базата на податоци од страна на носителот на правото или со негова согласност, се исцрпува правото на контрола на натамошната продажба на примероците.

(3) Правата од став 1 на овој член се применуваат без да се повредат постојните права на деловите на базата на податоци.

Обем на заштита

Член 120

(1) Заштитата на правата на изготвувачот на базата на податоци ги опфаќа:

1) целата содржина на базата на податоци;

2) суштинските делови од нејзината содржина, проценети квалитативно и/или квантитативно и

3) несуштинските делови од нејзината содржина, кога тие се користат повторувано и систематично и спротивно на редовното користење или во неразумна мерка ги повредуваат законските интереси на изготвувачот на базите на податоци.

(2) Заштитата на базата на податоци не се применува на компјутерска програма користена за изработка или за работа на базата на податоци достапна преку електронски средства.

Права и обврски на законски корисник

Член 121

(1) Изготвувач на објавена база на податоци не смее да го спречи законскиот корисник на базата на податоци во целина, односно на нејзин дел, кога е овластен само за тој дел, од користење на несуштинските делови од нејзината содржина проценета квалитативно и/или квантитативно за какви било цели.

(2) Законски корисник на објавена база на податоци не смее да презема какви било дејствија спротивни на редовното користење и/или дејства што во неразумна мера ги повредуваат интересите на изготвувачот на базите на податоци.

(3) Законски корисник на објавена база на податоци не смее да предизвика штета на носителот на авторското право или сродните права во однос на делата или предметите на сродните права што се содржани во базата на податоци.

ОДДЕЛ 6. Траење на правата на изготвувач на база на податоци

Член 128

(1) Правата на изготвувач на база на податоци траат 15 години по завршувањето на изработката на базата на податоци. Доколку во тој период таа е објавена согласно со закон, правата ќе траат 15 години од тоа објавување.

(2) Рокот за заштита утврден во став 1 на овој член почнува од ново да тече со секоја значителна измена, проценета квалитативно и/или квантитативно, на содржините на базата на податоци вклучително и секоја суштинска измена што произлегува од кумулацијата на последователни дополнувања, бришења или менувања што ја квалификува базата на податоци како суштински ново вложување проценето квалитативно и/или квантитативно.

КРИВИЧЕН ЗАКОНИК
„Службен весник на РМ“ бр. 37/96; 80/99; 4/2002; 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006,7/2008, 139/2008, 114/2009

Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем

Член 251

(1) Тој што неовластено ќе избрише, измени, оштети, прикрие или на друг начин ќе направи неупотреблив компјутерски податок или програма или уред за одржување на информатичкиот систем или ќе го оневозможи или отежне користењето на компјутерски систем, податокот или програмата или на компјутерска комуникација, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(2) Со казната од став 1 ќе се казни и тој што неовластено ќе навлезе во туѓ компјутер или систем со намера за искористување на неговите податоци или програми заради прибавување противправна имотна или друга корист за себе или за друг или предизвикување имотна или друга штета или заради пренесување на компјутерските податоци што не му се наменети и до кои неовластено дошол на неповикано лице.

(3) Со казната од став 1 на овој член ќе се казни тој што неовластено ќе пресретне, со употреба на технички средства, пренос на компјутерски податоци кој нема јавен карактер до, од и внатре во одреден компјутерски систем, вклучувајќи и електромагнетни емисии од компјутерски систем кој поддржува такви компјутерски податоци.

(4) Тој што делата од ставовите 1, 2 и 3 на овој член ќе ги стори спрема компјутерски систем, податоци или програми што се заштитени со посебни мерки на заштита или се користат во работењето на државни органи, јавни претпријатија или јавни установи или во меѓународни комуникации, или како член на група создадена за вршење такви дела, ќе се казни со затвор од една до пет години.

(5) Ако со делото од ставовите 1, 2 и 3 на овој член е прибавена поголема имотна корист или е предизвикана поголема штета, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

(6) Ако со делото од став 3 е прибавена поголема имотна корист или е предизвикана поголема штета, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години.

(7) Тој што неовластено изработува, набавува, продава, држи или прави достапни на друг посебни направи, средства, компјутерска лозинка, код за пристап и сличен податок со кој целината или дел од компјутерскиот систем се оспособува за пристап, компјутерски програми или компјутерски податоци наменети или погодни за извршување на делата од ставовите 1, 2 и 3 на овој член, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

(8) Обидот за делото од ставовите 1 и 2 се казнува.

(9) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

(10) Посебните направи, средства, компјутерски програми или податоци наменети за извршување на делото ќе се одземат.

 

Со почит,

Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип