|
Универзитетот „Гоце Делчев“ е основан од страна на Собранието на Република Македонија на 27 март 2007 г. Идејата за основање на универзитет во Штип е стара повеќе од 30 години. На конститутивната седница одржана на 28.06.2007 г., Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип донесе Одлука за избор на проф. д-р Саша Митрев за ректор на Универзитетот. Универзитетот е лоциран во 11 македонски градови: Штип, Струмица, Кочани, Радовиш, Пробиштип, Виница, Св. Николе, Гевгелија, Кавадарци, Прилеп, Скопје и Берово. Универзитетот „Гоце Делчев“ започна со 7 факултети и една висока школа, и тоа: Правен факултет, Економски факултет, Педагошки факултет, Факултет за рударство геологија и политехника, Земјоделски факултет, Факултет за информатика, Факултет за музичка уметност и Висока здравствена школа. Од студиската година 2008/09 г., во состав на Универзитетот се и 6 (шест) нови факултети: Факултет за медицински науки, Филолошки факултет, Електротехнички факултет, Машински факултет, Технолошки факултет и Факултет за туризам и бизнис логистика. Во првата студиска година на Универзитетот се запишаа 1300 студенти. Универзитет е формиран во град кој има долга и богата просветителска традиција. Училиштата на Јосиф Ковачев (роден во Штип на 14 јануари 1839 г. ) во Штип подготвувале ученици кои по завршувањето станувале учители или богослови т.е. свештеници. Тоа се првите училишта од таков вид во Македонија и претставувале највисоки специјализирани образовни институции. Културно-просветните дејци и добротвори - браќата Костенцеви, Арсени и Хаџи Михаил, биле едни од првите книжари во Македонија. Првата школска педагогија е напишана во овој град. Штип е градот во кој е изведена првата опера во Македонија. И не случајно, денес Штип е универзитетски град.
|









