Од 14 до 16 мај, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип учествува на Меѓународната конференција „ACE²-EU: Challenges and Opportunities“, која се одржува на Медицинскиот универзитет во Гдањск, Полска.
Овој значаен собир ги обединува универзитетите членки на европската алијанса ACE²-EU со цел да се зајакне соработката, да се планираат заеднички проекти и да се создаде синергија со активностите на Полската национална агенција за академска размена (NAWA).
На настанот, Универзитетот „Гоце Делчев“ беше претставуван од ректорот проф. д-р Дејан Мираковски, проректорката за меѓународна соработка проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска и деканката на Правниот факултет, проф. д-р Олга Кошевалиска. Нивното присуство ја потврдува заложбата на УГД за продлабочување на европската академска интеграција и учество во иницијативи кои поттикнуваат мобилност, заеднички истражувања и развој на студиски програми.
Првиот ден од конференцијата започна со свечено отворање и презентации од сите партнери во алијансата ACE²-EU. Посебен акцент беше ставен на проектите на NAWA и нивната комплементарна улога во поддршка на европските универзитетски иницијативи. Во рамки на настанот, се претставија и другите универзитетски алијанси кои се дел од Fahrenheit Union of Universities – ENHANCE и SEA-EU – нагласувајќи ја интернационалната вклученост на високото образование во регионот на Тројград (Tri-City).
Присуството на УГД на ваков престижен настан ја зајакнува неговата позиција на европската академска сцена и отвора нови можности за студентите, наставниците и истражувачите од Македонија.