Во текот на своето 17-годишно постоење Универзитетот „Гоце Делчев“ се профилира како високообразовна институција која во својот фокус ги има студентите, нивните потреби и идеи. Вниманието е целосно насочено кон креирање на знаење и можности преку обезбедување на квалитетно образование, иновирање, дигитализација и развој на интелектуален потенцијал за домашните и глобалните предизвици.
Универзитетот „Гоце Делчев“ претставува реномирана институција во областа на високото образование која, преку понудените современи студиски програми на различни факултети обезбедува квалитетно образование и привлекува голем број студенти од Македонија, но и од странство.
Секоја студиска година Универзитетот врши упис на студенти на единиците на Универзитетот во прв, втор и трет циклус на универзитетски и професионални студии. Уписите се вршат во три уписни рокови, од кои првиот е во август, а другите два во текот на септември, во зависност од слободните места за упис. Бројот на студенти кои може да се запишат на одделните факултети за одредена академска година се објавува во самиот конкурс.
Универзитетот традиционално секоја година доделува и стипендии во вид на ослободување од плаќање на партиципација за првата година од студиите од прв циклус за најдобро рангираните кандидати на секој факултет.
Универзитетот „Гоце Делчев“ применува современи методи на настава, при што акцентот се става како на теоретското образование на студентите, така и на практичната настава и стекнувањето соодветни вештини. За таа цел се гради непосредна соработка со приватниот сектор, кој континуирано придонесува во развојот на студентите преку учества во предавањата, заеднички проекти, конференции, како и организирани студиски посети или практична работа во компаниите.
Преку партнерства и соработка и со универзитети од различни земји во делот на меѓународните програми и проекти за обука на студентите им се дава можност за стекнување меѓународни искуства за учење.
Значајно е тоа што УГД е првиот универзитет во РС Македонија со висока употреба на дигитални алатки и технологии, каде што активно се применува и учењето на далечина. Универзитетската заедница преку тие алатки го искористува потенцијалот на технологијата за подобрување на наставата и учењето, а на студентите им е овозможено да учат секаде и во секое време, од најдобрите во нивните области.
Универзитетот „Гоце Делчев“ од самото свое основање интензивно вложува во создавање на модерни и комплетни услови за научно-истражувачка работа што ќе ги задоволи потребите и на академската заедница, но и на бизнис заедницата, која има потреба од модерни ресурси, технологии и иновативни решенија.
За таа цел, УГД располага со модерно опремени лаборатории и центри како составен дел на инфраструктурата, која ја прави возможна научно-истражувачката активност, а академското знаење и образование се спроведува преку достапните програми за трет циклус на докторски студии во различни области.