Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип ја одржа VII Студентска конференција на тема „Критични прашања во земјоделството и животната средина“, која овозможи презентација и размена на научни сознанија, истражувачки резултати и идеи за справување со актуелните предизвици во земјоделството и заштитата на животната средина.
Конференцијата е посветена на прашања поврзани со одржливото земјоделско производство, квалитетот и безбедноста на храната, заштитата на растенијата и животната средина, како и примената на дигиталните алатки во унапредувањето на добрите земјоделски практики. На неа студентите од прв, втор и трет циклус студии имаа можност да ги претстават резултатите од своите истражувања, реализирани под менторство на универзитетски професори.
Деканката на Земјоделски факултет, проф. д-р Емилија Арсов, истакна дека конференцијата претставува значајна можност за студентите да ги презентираат своите истражувања, но и да придонесат кон отворањето дискусии за прашања кои се од суштинско значење за иднината на земјоделството.
„Живееме во време на предизвици во кое климатските промени веќе не се тема далеку од нас, туку реалност што допира во секој сегмент од земјоделското производство. Производството на храна е една од најдинамичните области, а предизвиците на денешницата се реалност со која науката и истражувањата мора да се соочат“, посочи Арсов.
Таа информираше дека годинава за презентација на истражувањата се пријавени 19 студенти од прв циклус и 16 студенти од втор и трет циклус студии. Меѓу темите што ги обработуваат студентите се одложената сеидба во услови на суша, испитувањето на различни сорти и нивниот потенцијал за постигнување повисоки приноси, контролата на семенскиот материјал, како и квалитетот и безбедноста на храната.
„Најважно е каква храна консумираме и дали имаме доволни количества храна за да ги задоволиме потребите. Тоа се прашања на кои не може да одговори еден човек, туку бараат институционален пристап, научни и лабораториски истражувања. Особено ни е драго што студентите преку своите презентации нудат решенија и предлози за подобро и поодржливо земјоделско производство“, нагласи деканката Арсов.
Значењето на ваквите академски настани го истакна и Надица Бајрактарова, студентка на трет циклус студии на Земјоделски факултет, која посочи дека конференцијата им овозможува на студентите да ги претстават своите знаења и истражувања и да дадат придонес во развојот на науката и струката.
Според неа, безбедноста на храната е особено значајна тема бидејќи директно влијае врз здравјето на луѓето, квалитетот на животот и довербата на потрошувачите. Токму затоа, таа ја нагласи потребата од постојана соработка меѓу академската заедница и практиката, како предуслов за квалитетни решенија и понатамошен научен развој.
За можноста за академско и професионално усовршување преку студентските истражувања говореше и Александра Неделковска-Кочовска, студентка на прв циклус студии. Таа посочи дека Студентската конференција е многу повеќе од настан на кој се презентираат семинарски и истражувачки трудови, бидејќи претставува можност за стекнување нови знаења и развој на истражувачките и професионалните компетенции.
Нејзиното истражување годинава е насочено кон споредбена анализа на домашно подготвен јогурт од локално произведено млеко, пример за поврзување на студентската истражувачка работа со квалитетот на прехранбените производи и локалното производство.
Проф. д-р Димитар Наков, кој е ментор на дел од трудовите презентирани на конференцијата, го изрази своето задоволство од соработката со студентите од сите три циклуси на студии и од реализацијата на нивните истражувачки идеи.
„Ова покажува дека студентите се во центарот на нашето внимание. Работата со нив, нивното напредување и стекнувањето вештини и компетенции се од особено значење за во иднина да станат стручњаци кои успешно ќе го реализираат производството на храна на терен“, истакна Наков.
VII Студентска конференција уште еднаш ја потврди улогата на Земјоделски факултет при УГД како академска средина во која се поттикнуваат истражувачката работа, размената на знаења и вклучувањето на студентите во научните процеси. Преку ваквите активности, студентите добиваат можност своите идеи да ги преточат во истражувања и предлози што можат да придонесат за поодржливо земјоделство, поквалитетна и побезбедна храна и поодговорен однос кон животната средина.


