Search
|     contact@ugd.edu.mk

Соработка

УГД има изградено партнерства со институции ширум светот, договори за соработка со универзитети од повеќе земји и континенти и меѓународни образовни програми и проекти за обука, кои имаат за цел да им обезбедат на студентите максимални можности за градење меѓународни искуства за учење.

Дополнително, УГД уште од самото свое основање соработува интензивно со компании од бизнис секторот и индустријата, преку кои пренесува практични искуства од секојдневното работење до студентите. Притоа, секој факултет има свои партнери од областа во која работи, а целосната листа на соработници вклучува преку 100 институции и компании.

Меѓународна соработка

Со помош на овие партнерства им се овозможува на студентите и вработените да учествуваат во рани програми, проекти и обуки што се спроведуваат на странски универзитети и на тој начин да добијат значајно знаење и искуство од други добри примери, кои го искористат во својата едукација и кариера. 

УГД е универзитет со најголем број (над  400) меѓуинституционални договори во Македонија, а во тек на една академска година остварува размена на повеќе од 300 дојдовни студенти и 200 лица како наставен и административен кадар.

Листа на сите меѓународни соработници

Еразмус плус

Во рамките на УГД веќе долги години успешно се реализира и програмата Еразмус+, која е проект на Европската Унија во областа на високото образование и која овозможува соработка и размена на студенти и кадар помеѓу партнерски универзитети во Европа.

Размена на студенти:
Програмата е наменета за сите редовно запишани студенти на УГД што имаат завршено најмалку 2 семестри од студиите, имаат постигнато солиден успех и имаат познавање на англискиот јазик. Студентската размена можат да ја реализираат во еден од партнерските универзитети, чија целосна листа може да ја најдете тука, а студиската размена може да се реализира во период од 6 или 12 месеци.

Во рамките на Еразмус+ програмата нудиме и програма на англиски јазик и активности за странските студенти што доаѓаат на размена на УГД.

Размена на вработени:
Наставниот кадар на Универзитет „Гоце Делчев“ преку Еразмус+ програмата има можност за мобилност, која може да се оствари на еден од странските Универзитети со кои УГД има склучено договор за соработка.

Мобилноста за вработените е во времетраење од една недела и може да биде остварена во форма на предавања или обука.

Со цел оваа програма да биде подобро промовирана пред студентите, УГД во текот на годината постојано организира информативни денови и состаноци со претставници од Националната агенција.

Дополнително, сите потребни информации можете да ги добиете на следниот линк: cmus.ugd.edu.mk.

Соработка со организации и компании

УГД од своите почетоци тесно соработува со други сродни институции, приватниот сектор, индустријата и други засегнати страни, како дел од системот на петкратен Хеликс, каде што главниот столб е знаењето. Приватниот сектор, како и другите учесници во системот се инкорпорирани во континуитет, како во текот на работата со студентите, така и во процесот на доживотно учење на персоналот.

Голем дел претставници од приватниот сектор се присутни на предавањата како гостински предавачи преку таканаречените клинички часови, во заеднички проекти, заеднички истражувања, конференции, форуми, организирани студиски посети на нивните простории (посети на фабрики, лаборатории, јавни институции итн.), претставување на саеми за вработување, а дел од нив нудат и можности за пракса на студентите.

Нашите соработници според факултетите со кои соработуваат