Search

УГД со Свечена академија одбележа 19 години постоење – идејата од пред 19 години прераснува во вистински европски универзитет

Денес го славиме датумот на кој од една идеја имаме со јасна визија нова институција која навистина претставува европски универзитет...
Споделете

„Денес го славиме датумот на кој од една идеја имаме со јасна визија нова институција која навистина претставува европски универзитет. Место каде што не само нашите студенти добиваат знаења, туку и простор каде што можат да ги развиваат и реализираат своите идеи, место каде што можат да станат навистина успешни млади луѓе и да бидат гордост за целата нација. Ми претставува задоволство што имаме успешно заокружување на оваа деветнаесетта година од основањето, имавме навистина плодотворна недела во која имавме гости од сите осум европски универзитети од Европската алијанса Ace2EU. Гости беа ректорите од сите институции, а беа потпишани и договорите за размена на податоци, што претставува основа за формирање на идно правно лице. Дополнително се одржаа состаноци на институционалните раководители на овој проект од сите девет универзитети. Вкупно имаше над 90 гости од цела Европа – речиси од сите нации – студенти и професори кои напорно работат оваа Универзитетска алијанса да стане вистински простор каде што нашите студенти и наставници ќе можат да работат рамо до рамо со колегите од европските универзитети и да бидат дел од европскиот универзитетски простор“, изјави за медиумите ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

На УГД во овие 19 години поминале над 30.000 студенти, моментално активни се околу 8.000 на сите три циклуси. На новинарско прашање за можностите за изградба на објект за Факултетот за медицински науки и на студентски дом, проф. д-р Мираковски одговори:

„Јас се надевам дека ќе ги добиеме тие објекти. Тоа е процес кој не го води Универзитетот, туку Владата и министерствата за здравство и образование, бидејќи станува збор за комплекс во кој се поврзани и болницата и објектот на Факултетот за медицински науки. Ние веќе разговаравме и ги дефиниравме барањата од аспект на едукативниот процес, и верувам дека ќе успееме да дизајнираме објект кој ќе биде од светски ранг.“

Во врска со студиските програми и признавањето на дипломите во светот, Мираковски одговори дека студиските програми се обновуваат и приспособуваат во континуитет, тоа е континуиран процес, и се работи на заеднички студиски програми во рамките на Европската алијанса на универзитети. За признавањето на дипломите, ректорот уште еднаш повтори дека и сега дипломите на УГД се признати надвор од Македонија, но и дека тие ќе добијат една нова вредност со создавањето на еден европски универзитет и една заедничка диплома во рамките на деветте универзитети членки на Алијансата.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, истакна дека 19 години развој на Универзитетот создаде нова вредност во Штип.

„Како се развива Универзитетот, така се развива и градот Штип. Поразличен е градот, од локален економски аспект, со отворањето на Универзитетот ‛Гоце Делчев‛, а мене ми е уште подраго што оваа деветнаесетта година од постоењето на Универзитетот можеме да одбележиме и дополнителни промени во позитивна насока – членувањето во Европската алијанса на универзитети дава дополнителна вредност, можност за размена на студенти, сето она што како знаење ни е неопходно да биде пренесено во нашиот град кое директно ќе влијае на позитивни промени на пазарот на трудот и можност компаниите на пазарот на трудот да најдат квалификувана работна сила која ќе го развива и ќе го движи нашиот град. Посакувам во годините кои следуваат, многу студенти, многу пренос на знаење и одбележување на уште долги години постоење на Универзитетот ‛Гоце Делчев‛“, рече градоначалникот Јорданов.

 

„19 години постоење на УГД не претставува само симболична бројка, туку ја покажува симбиозата помеѓу тоа како професорите работат и како студентите живеат на овој Универзитет“, рече Михајло Мирасчиев, студент и претседател на студентската организација СОМА.

 

„Универзитетот е многу повеќе од само образование и некоја форма или теорија, бидејќи сето тоа претставува едно животно искуство за секој од нас. Можам слободно да кажам дека сум горд што сум дел од Универзитетот ‛Гоце Делчев‛ – Штип, а воедно и како претседател на СОМА сме горди што сме под покровителство на нашиот Универзитет и работата и поддршката која е заемна сите овие години покажува и докажува преку сите работи и делата што ги имаме направено. За мене оваа годишнина е приказна помеѓу луѓето кои се овде да инспирираат, односно професорите, и студентите кои се овде да ја уживаат нивната идеја. Воедно, би сакал да им се заблагодарам на сите што учествуваат и активно се залагаат за нас, студентите“, изјави Мирасчиев.

Студентката со најдобар успех и највисок просек годинава доаѓа од Факултетот за медицински науки. Галена Аризанкоска рече дека студирањето на УГД бил период полн со предизвици, но и со многу можности.

„Учествував и во студентски организации, каде што научив како теоријата се претвора во акција, но исто така УГД ми понуди и учество на научни конференции, каде што ние студентите учиме како студентскиот труд се претвора во дел од научниот дијалог. Признанието за најдобар студент за мене претставува голема чест“,  рече најдобриот студент на УГД, Галена Аризанкоска.

На Свечената академија се обрати ректорот проф. д-р Дејан Мираковски. На најдобрите студенти и на пензионираните вработени на Универзитетот им беа доделени признанија.

Поранешниот ректор, академик Блажо Боев, исто така доби Признание како пензиониран професор од УГД. Тој се обрати од говорницата и рече:

„Мислам дека во изминатите 25 века цивилизација на овие простори ништо подобро не можеше да се случи од отворањето на Универзитетот ‛Гоце Делчев‛ пред 19 години. Мислам дека тоа овој град треба максимално да го цени и почитува. Тоа е најдобрата инвестиција што воопшто е направена во овој град за иднината на развојот на градот и на младите во овој град. Ова е Универзитет кој слободно ќе кажам е направен по тертип – со цврсти темели, така што не берете гајле за иднината. Само ќе кажам една реченица што како ректор цело време ја употребував за студентите. Ова е универзитет кој е направен за вас и ви припаѓа вам, никогаш не заборавајте го тоа. А на младите сакам да им оставам една порака. Еве дојдов на 19 години, се надевам дека ќе ме поканите на 50-годишнината на УГД, бидејќи имам намера да дојдам.“