Search

УГД ја проширува академската соработка со неколку израелски универзитети

Споделете

Во рамки на академската посета на проректорот за инвестиции и развој, проф. д-р Дарко Лазаров, на неколку универзитети во Израел беа договорени конкретни активности за воспоставување и интензивирање на идната меѓууниверзитетска соработка.

Активностите опфаќаат подготовка и реализација на заеднички проекти, продлабочување на соработката со индустријата, како и развивање заеднички студиски програми на мастер-ниво и кратки образовни програми наменети за студентите од двете земји.

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип потпиша Меморандум за соработка со Холанскиот институт за технологија (Holon Institute of Technology) во Израел, со кој се воспоставува рамка за идна соработка во повеќе академски и научноистражувачки области, со посебен фокус на медицинските науки и инженерството.

Истовремено, беше договорена конкретна академска соработка со Универзитетот во Хаифа, која предвидува заедничко учество во меѓународни проекти, како и размена на академски кадар и студенти меѓу двата универзитета.

Со Универзитетот во Тел Авив, пак, беа отворени можности за соработка во областа на трансферот на знаење и искуство во развојот на иновациската инфраструктура и воспоставувањето механизми за поддршка на младите претприемачи. Посебен акцент беше ставен на поддршката на студентите и младите истражувачи во процесот на комерцијализација на иновациите и бизнис-идеите, развојот на стартап-компании и поврзувањето на академската заедница со бизнис-секторот.

Покрај билатералните активности, во текот на посетата беше проширена и зајакната соработката со неколку регионални универзитети, кои беа дел од делегацијата на балкански универзитети што престојуваше во Израел. Ова создава дополнителни можности за развој на регионални академски партнерства и заеднички иницијативи.

Остварените контакти и договорените активности претставуваат уште еден значаен чекор во насока на интернационализација на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и континуирано проширување на неговата меѓународна академска мрежа. Крајната цел е создавање нови можности за професорите и студентите преку поголема академска мобилност, размена на знаење и искуства, заеднички научноистражувачки активности и воспоставување конкретни форми на соработка со меѓународни академски и бизнис-партнери.