Во рамките на соработката меѓу Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и ЈОУ Библиотека „Феткин“ – Кавадарци се одржа интерактивна работилница на која учествуваа претставници на библиотеките од регионот и студенти од Факултетот за образовни науки.
Работилницата беше посветена на местото и улогата на книгата, електронските информативни извори и вештачката интелигенција во современото образование и библиотекарство, отворајќи дискусија за предизвиците што ги носи брзиот технолошки развој, како и за начините на создавање, пренесување и користење на знаењето.
Деканот на Факултетот за образовни науки, проф. д-р Трајче Стојанов, истакна дека активноста е дел од реализацијата на меморандумот за соработка со Библиотеката „Феткин“, нагласувајќи дека партнерството добива конкретна содржина преку заеднички активности.
„Меморандумот очигледно не е само мртва буква на хартија. Почнуваме со реализација на активности и обуки за важни теми за образовните институции. Во време на сè поголем наплив на вештачката интелигенција и информатичките технологии, значењето на книгата и знаењето е огромно. Сметам дека треба постојано да ја држиме високо на агендата темата за значењето на книгата и знаењето“, истакна Стојанов, изразувајќи задоволство од воспоставената соработка и надеж дека таа ќе продолжи и во иднина.

Проф. д-р Ирена Китанова од Факултетот за образовни науки посочи дека основната цел на работилницата е да поттикне активна дискусија за различните извори на информации и нивната примена во современиот воспитно-образовен процес и библиотекарството.
„Иднината на знаењето не е исклучиво во книгата, во дигиталните извори или во вештачката интелигенција, туку во нивното поврзување и одговорно користење. Тоа е важно како во воспитно-образовниот процес, така и во работата на библиотеките и библиотекарството“, нагласи Китанова.
Директорот на ЈОУ Библиотека „Феткин“ – Кавадарци, Петар Гурев, истакна дека соработката со Факултетот за образовни науки претставува значајна можност за размена на искуства и отворање прашања поврзани со современите предизвици во библиотекарството и образованието.

Тој посочи дека библиотеките и образовните институции се нераскинливо поврзани, а новите технологии и информатички алатки наметнуваат потреба од постојано преиспитување на начинот на кој се користат различните извори на информации.
„Целта на работилницата е да укажеме на значењето на правилниот избор и користење на изворите на информации во библиотекарството и во образованието. Верувам дека денешната работилница ќе придонесе подобро да разбереме каде и кога ни се потребни различните информации“, истакна Гурев.
Со ваквите активности, Факултетот за образовни науки при УГД продолжува да ја развива соработката со институциите од областа на образованието и културата, создавајќи можности за поврзување на академската заедница, студентите и практичарите. Истовремено, работилницата ја потврди важноста на критичкиот и одговорен пристап кон информациите, како и потребата традиционалните и современите извори на знаење да се надополнуваат во образованието и библиотекарството.


