Универзитетот „Гоце Делчев“ годинава доби признание од Регионалниот актив на новинари Исток, неформално здружение на новинарите кои функционираат во источниот регион на државата. Признанието годинава УГД го доби за особен придонес за развој на високото образование во меѓународни рамки, односно за учеството во Европската универзитетска алијанса Ace2Eu.
Признанието, на свечено доделување во Свети Николе, го прими проректорката за меѓународна соработка на УГД, проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска.
– Благодарност за новинарите кои потенцираа колку е значајно ова што УГД моментално го прави со Европската универзитетска алијанса. Оваа алијанса значи издигнување на високото образование на едно повисоко, европско ниво, а УГД од Штип е во друштво со најзначајните европски универзитети. Ова накратко значи дека студентите кои ќе студираат во рамките на оваа алијанса ќе имаат можност да се стекнат со европска диплома која ќе биде на ист ранг со сите европски универзитети. Универзитетот останува отворен за секаква соработка со новинарите во однос на високото образование – истакна проф. д-р Никодиновска при примањето на признанието.
Досега во Европската Унија се финансирани вакви 64 алијанси кои се протегаат во 35 земји, вклучувајќи ги сите земји членки на Европската Унија, како и Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Македонија, Норвешка, Србија и Турција. Тие се длабоко интегрирани заедници и иновациски мрежи, коишто вмрежуваат и зближуваат повеќе од 2200 партнери, вклучувајќи го невладиниот сектор, претпријатијата, локалните и регионалните заедници, високообразовни институции кои се дел од Болоњскиот процес.
Покрај УГД признанија од новинарите од истокот добија и бројни компании, организации, институции, спортски клубови и поединци. Признанието од новинарите се доделува десетта година по ред, а годинашните признанија се однесуваат на достигнувања во источниот регион на државата во 2024 година.