Search
|     contact@ugd.edu.mk

Отворен 27. Меѓународен симпозиум на турската култура

27. Меѓународен симпозиум на турската култура се отвори денес на Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип во рамките на 32. Меѓународен фестивал на пролетни веселби во Чалакли
Споделете

27. Меѓународен симпозиум на турската култура се отвори денес на Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип во рамките на 32. Меѓународен фестивал на пролетни веселби во Чалакли, поддржан од Институтот за истражување на народната култура во Анкара, а во соработка со Здружението „Хид-Бах-шен-фест“ и Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

– Годинава ние сме коорганизатори на овој настан со Фестивалот и со Симпозиумот. Филолошкиот факултет е домаќин со простор и издавање на зборник на трудови. Имаме гости од Македонија и од Турција, од тамошните државни универзитети, но и гости професори од универзитетите во Македонија – изјави деканката на Филолошкиот факултет на УГД, проф. д-р Луси Караниколова-Чочоровска.

Симпозиумот годинава опфаќа теми од областа на македонскиот јазик и турскиот јазик, литература и фолклор.

– На Симпозиумот имаме две главни групи. Во едната се опфатени литература и јазик, а во другата група е култура и фолклор. Имаме учесници кои ќе настапат на турски јазик и на македонски јазик. Поделени сме во четири сесии во кои ќе се презентираат на турски и на македонски јазик. Имаме 67 реферати на професори и научници од Македонија и од странство – изјави Селами Тахир, претседател на Симпозиумот.

Симпозиумот е во рамките на Фестивалот на пролетни веселби, а годинава овој фестивал се одржува по 32. пат и прераснал во најголемиот фестивал за промоција на турската култура.

– Ова е манифестација која започна во 1991 година во Чалакали. Фестивалот има фолклорни групи, негување на традициите и обичаите за празникот Хердерлез, а во следните години се продолжува и со научен симпозиум. Во рамките на Фестивалот има и традиционално пеливанско борење. Започна како локална манифестација, продолжи како државна манифестација, а сега е и меѓународен фестивал.  Ние сме манифестација која го зближува целиот Балкан – изјави доц. Шава Тахир, претседател на Фестивал на пролетни веселби.

Манифестацијата е дел од УНЕСКО, како дел од светското културно наследство. Оваа манифестација се грижи за турската култура во Македонија и на Балканот, но во исто време е мост за соработка меѓу сите народи на Балканот.