Тргнувајќи од фактот дека културното наследство е суштински елемент на секоја заедница, на 28 април деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика при УГД, проф. д-р Татјана Бошков, ја отвори Втората национална конференција „Културното наследство меѓу туризмот и идентитетот“ организирана во рамките на Факултетот за туризам и бизнис логистика.
„Една од најзначајните придобивки на културното наследство во подобрувањето на капиталот е неговата способност да привлече туризам. Туристите ги привлекуваат места со уникатно културно наследство, како што се историски знаменитости, музеи, уметнички галерии. Затоа од клучно значење е да се зачува и заштити културното наследство при планирање и спроведување на капитални проекти. Се разбира, тука ќе ги посочам институциите за културно наследство кои играат важна улога во зачувувањето и обезбедувањето пристап до материјалите од културното наследство, а дигитализирањето на овие збирки станува суштинска задача во исполнувањето на оваа функција.
Неминовен е придонесот на спроведување проекти кои се директно поврзани со културниот туризам и културното наследство токму поради две причини – се зајакнуваат учеството и мобилизацијата на граѓаните и локалните заедници во решавањето на локалните проблеми од една страна и се поддржува екопријателскиот и социо-економскиот развој кој ќе генерира зелени можности за работа, од друга. Реализацијата на вакви проекти за мала и отворена економија како Македонија е особено важна за подобрувањето, зачувувањето и заштитата на локалитетите, практикување модерна градежна инфраструктура, конзерваторски и реставраторски работи, инсталирање современа опрема итн. поттикнувајќи, на тој начин, технолошко знаење и создавање нови можности за работа и справување со невработеноста”, потенцираше во својот говор проф. д-р Татјана Бошков.
Во делот „Културното наследство – столб на туризмот, традицијата и идентитетот“ свои видувања произнесоа проф. д-р Владимир Јаневски, д-р Силвана Блажевска, в.д. директор на НУ „Стоби“, проф. д-р Нада Јурукова, м-р Анче Илиевска, в.д. директор на Музејот на македонската борба за самостојност, а модератор на целиот настан беше Славица Ристовска, демонстраторка на Факултетот за туризам и бизнис логистика.
Во панел-сесијата „Промовирање на културното наследство како генератор за одржлив туризам, културен и национален идентитет“ главен говорник и панел-модератор беше доц. д-р Христина Серафимовска, директорка на Агенцијата за квалитет во високото образование, која заедно со проф. д-р Наташа Митева, доц. д-р Душица Попова, проф. д-р Никола В. Димитров, м-р Александар Јордановски и д-р Небојша Вуковиќ реализираа плодна дискусија и размена на мислења за значењето на успешна промоција на културното наследство за Македонија.