Search

угд фм |     contact@ugd.edu.mk

Добитничките на „Инженерски прстен“ од УГД: „Прстенот е чест, одговорност и поттик за нови успеси“

Споделете

Сара Панева од Факултетот за природни и технички науки и Бојана Тасева од Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип годинава се закитија со престижното признание „Инженерски прстен“, што го доделува претседателот на државата. Двете студентки велат дека ова признание за нив е повеќе од симбол – тоа е поттик и обврска за иднината.

„Признанието ’Инженерски прстен’ за мене претставува симбол на доверба, чест и обврска. Тоа е потврда дека досегашниот труд, креативноста и посветеноста се препознаени, но и потсетник дека вистинскиот пат допрва започнува“, истакна Сара Панева, студентка на втор циклус студии на Факултетот за природни и технички науки.

Таа додава дека инженерската професија носи голема одговорност – да се создаваат вредности за општеството и да се биде двигател на промени:

„Ова признание не го гледам само како постигнат успех, туку и како потсетник на одговорноста што ја носи инженерската професија – да работиме со интегритет, да бидеме двигатели на промени и да создаваме вредности за општеството“.

Слична е пораката и на Бојана Тасева, студентка на Факултетот за информатика:

„Овој прстен за мене претставува симбол на трудот, посветеноста и љубовта кон професијата, но и поттик за понатамошно усовршување. Искрено сум благодарна на факултетот и на сите професори за нивната несебична поддршка, знаење и вложениот труд во нас студентите“.

Тасева нагласува дека честа да биде дел од добитниците ќе остане траен мотив во идната професионална кариера:

„Честа да бидам дел од добитниците е навистина голема и ќе остане мотив за идните предизвици“.

Церемонијата на врачување „Инженерски прстен“ се одржа на Плаошник во Охрид, каде што годинава беа наградени вкупно 14 студенти од државните универзитети.