Search

УГД дел од Саемот за образование и кариера 2026: Голем интерес од идните студенти

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип активно учествува на третото издание на Саемот за образование и кариера 2026, што денес се одржува во „Скопје сити мол“.

Настанот ги обединува универзитетите, академиите и компаниите од земјава, со цел младите да добијат директни информации за својата академска и професионална иднина.

Штандот на УГД предизвика значителен интерес кај матурантите, кои имаа можност одблиску да се информираат за студиските програми, условите за запишување, како и за можностите за пракса, мобилност и меѓународна соработка.

Проф. д-р Даниела Коцева истакна дека интересот од страна на средношколците е огромен.

„Најголем интерес традиционално има за студиските програми на Факултетот за медицински науки, но годинава забележуваме невообичаено голем интерес и за останатите факултети во состав на Универзитетот. Очигледно е дека младите ги препознаваат можностите што ги нуди УГД“, посочи Коцева.

Особено внимание кај идните студенти привлекуваат активностите во рамките на Европската универзитетска алијанса во која членува УГД, како и зголемените можности за студентска мобилност, размена и меѓународно искуство. Токму овие перспективи, според претставниците на Универзитетот, се клучните причини за засилениот интерес годинава.

Саемот за образование и кариера е наменет за матуранти, студенти и родители, а преку директната комуникација со универзитетите и компаниите им овозможува на младите да се информираат и да донесат одлука за својот понатамошен образовен и кариерен пат.