Четворица студенти од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип во текот на изминатата недела беа дел од меѓународна студентска мобилност во Мадрид, Шпанија, во рамките на Европската универзитетска алијанса ACE2-EU Alliance, која ја обединуваат девет европски универзитети.
Како што велат тие, нивната мисија била јасна, но исклучително значајна – преку тимска и интердисциплинарна работа да развијат идеи и решенија кои ќе им помогнат на повозрасните лица полесно да ги надминат секојдневните бариери и да бидат повеќе физички активни.

За Марија Ванѓеловска учеството во проектот претставува особена чест и одговорност.
„За мене претставуваше особена чест што го претставував Универзитетот ‛Гоце Делчев‛ во рамките на ACE2-EU Alliance. Ова учество не беше само академско искуство, туку и можност да придонесам кон градење на европска соработка и размена на знаења. Чувството дека сте дел од поширока европска универзитетска мрежа носи дополнителна одговорност, но и мотивација за личен и професионален развој“, вели таа.

За Андреј Јосифовски ова било прво искуство од ваков тип.
,,Овој проект остави доста позитивен впечаток за мене, откри нови познанства од други држави, како и размена на искуства и меѓусебна соработка‘‘, вели тој.
Од идеи до конкретни решенија
Во текот на престојот во Мадрид, студентите работеа со современи методологии како design thinking, фокусирајќи се на идентификување и анализа на бариерите кои ја ограничуваат физичката активност кај старите лица. Преку оваа работа тие ги унапредија своите аналитички и истражувачки способности, но и вештините за тимска работа во интердисциплинарна и мултикултурна средина.
Марија нагласува: ,,Професионално ја зајакнав мојата способност за тимска работа во интердисциплинарна средина, комуникација со различни засегнати страни и презентација на идеи пред стручен панел. На лично ниво, мобилноста придонесе кон зголемување на мојата самодоверба, адаптабилност и способност за работа во мултикултурна средина‘‘.

Андреј, пак, истакнува дека најголем напредок забележал во јавното обраќање, прифаќањето различни идеи и соработката во меѓународен тим.
„Пред сѐ за мене најголемо влијание врз моите веќе стекнати вештини имаше во поглед на моето јавно обраќање соработката во група и размена и прифаќање на идеи и совети како и искуства‘‘, вели Андреј.
Моќта на интеркултурната размена
Работата со студенти од различни европски образовни системи им овозможила да согледаат како ист здравствен и социјален предизвик може да се решава на различни начини, во зависност од културниот и урбаниот контекст.
Марија вели дека ова искуство ја проширило нивната перспектива и ги поттикнало да размислуваат покритички, поотворено и поиновативно.
„Интеркултурната средина имаше значително влијание врз мојата перспектива. Соработката со студенти од различни европски универзитети ми овозможи да согледам како ист здравствен проблем може да се перципира и решава на различни начини, во зависност од културниот, социјалниот и урбаниот контекст. Ова искуство ме научи да размислувам поотворено, критички и пошироко, земајќи ги предвид различните пристапи и искуства. Размената на идеи во ваква средина поттикнува иновација и создава основа за поквалитетни и поодржливи решенија‘‘, објаснува Марија.

Разликите во образовните пристапи, како што забележува Андреј, се очигледни – но заедничката цел останува иста: создавање поквалитетни и одржливи решенија.
„Според комуникацијата со другите студенти од европските универзитети може да се увиди колкава е разликата во начинот на едукација во поглед на различноста на програмите во споредба со нашата но крајната цел и замисла останува непроменета споредбено‘‘, открива Андреј.
Порака до идните апликанти
Нивната порака до студентите на УГД е едногласна – да аплицираат без двоумење.
,,Би им порачала да ја искористат можноста и да аплицираат без двоумење. Ваквите мобилности не се само академско искуство, туку процес на личен и професионален раст. Тие нудат можност за проширување на хоризонтите, создавање меѓународни контакти и стекнување практични знаења кои не секогаш можат да се добијат во традиционалната настава. Да се биде дел од европска алијанса како ACE2-EU значи да се биде дел од заедница која ја поттикнува иновацијата, соработката и академската извонредност. Таквото искуство остава траен белег врз начинот на размислување и професионалната насока‘‘, вели Марија.
„Моја порака до останатите студенти е да не размислуваат напротив да аплицираат што е можно поскоро и на повеќе проекти, бидејќи се добива огромно стручно искуство, нови познанства, збогатување на знаењето, стекнување на вештини за работа во интернационални групи и главно многу позитивни искуства‘‘, порача Андреј.


