Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип го одбележа почетокот на меѓународниот проект „FuturFIBER – Integrating Advanced Sustainable Fibrous Materials into Engineering Curricula“, поддржан од програмата Еразмус+ во рамките на партнерствата за соработка во високото образование.
На 14 октомври 2026 година, во Штип се одржа почетниот состанок на проектниот конзорциум, со кој започна заедничката работа на партнерите во реализацијата на планираните активности.УГД е координатор на проектот, кој ќе се реализира во партнерство со Универзитетот во Мињо (UMINHO) – Португалија, Техничкиот универзитет „Георге Асаки“ во Јаши (TUIASI) – Романија и Tèxtils.CAT – Шпанија. Проектот има времетраење од 24 месеци и ги поврзува универзитетското образование, научните истражувања и потребите на текстилната индустрија.
Основната цел на FuturFIBER е пренесување на истражувачките знаења за биоматеријали и современи и одржливи влакнести материјали во инженерското образование. Преку соработката меѓу партнерите, проектот ќе придонесе за осовременување на наставните содржини и развој на зелени компетенции кај идните инженери, во согласност со насоките на Европскиот зелен договор.
Во рамките на проектот е предвиден развој на образовен модул со отворен пристап, вреднуван со 5 ЕКТС-кредити, кој ќе вклучува десет видеопредавања, истражувачка база со повеќе од сто референци и материјали за учење и оценување. Планирани се пилотирање на наставните содржини со студенти, летна школа во Португалија и интегрирање на развиените содржини во наставата на УГД и TUIASI.
На почетниот состанок партнерите ги усогласија активностите за првата година од реализацијата, распределбата на одговорностите и временската рамка за нивно спроведување. Посебно внимание беше посветено на развојот на рамката на компетенции и резултатите од учењето, подготовката на истражувачката база и наставните материјали, како и на постапките за обезбедување квалитет, следење на напредокот и управување со ризиците. Беа договорени и редовни онлајн состаноци за координација и разгледување на постигнатите резултати.
Како координатор, УГД ќе ја води целокупната реализација на проектот и ќе го следи и прегледува напредокот на сите проектни активности, во соработка со лидерите на работните пакети и партнерските тимови. Оваа улога опфаќа координација на заедничката работа, следење на роковите и исполнување на обврските, усогласување на извештаите и организирање на проверките на квалитетот. Проектен координатор од УГД е проф. д-р Винета Сребренкоска.
Со реализацијата на FuturFIBER, УГД ја проширува меѓународната академска соработка и создава можности за поврзување на научните сознанија со наставната практика. Очекуваните резултати ќе придонесат за образование на инженери подготвени да одговорат на потребите на одржливата текстилна индустрија.


