Студенти и наставен кадар од Универзитетот „Гоце Делчев“ се во центарот на случувањата на вториот Калеидоскопски фестивал, кој се одржува во Романија во рамките на Eвропската универзитетска алијанса ACE²-EU.
Манифестацијата обединува претставници од сите девет универзитети во рамките на Aлијансата и создава платформа за културна размена, академска соработка и мултидисциплинaрано учење.Еден од највпечатливите моменти на досегашниот дел од фестивалот беше настапот на студентите од Музичката академија при УГД, поточно од Oдделот за етнокореологија и народна музика. Со изведбата на автентични македонски традиционални песни и ора на настанот „Kaleidoscope of Cultures Showcase“, тие предизвикаа воодушевување и остварија одличен прием кај публиката составена од студенти и професори од сите партнерски институции во Aлијансата.
Активно учество во паралелните академски и иновативни модули
Покрај културната презентација, претставниците од УГД активно учествуваат во богатата програма која ги вклучува паралелните академски и практични содржини. Професорите се дел од предавачи и панелисти во рамките на школите, а студентите од Универзитетот се дел од специјализираните модули и интерактивни работилници. На фестивалот се одржуваат бројни настани од типот на ABC училиштата, Flavor школите и BIP (Blended Intensive Programme).
Ректорот на УГД имаше свое излагање, заедно со дел од останатите ректори на ACE2EU алијансата во рамките на Ace Talks панелот. Во рамките на овој настан пред бројните студенти беше истакнато значењето на Алијансата за поединечните универзитети, како и за студентите.
„Оваа Алијанса е од исклучително значење за нашите студенти. Ние не сме во Европската Унија, но нашите студенти се рамноправни со студентите од Европската Унија. Оваа Алијанса им нуди можност да студираат рамо до рамо со нивните колеги од ЕУ и да се стекнат со знаења и вештини рамноправни на студентите од Унијата. Кога ќе ги обедините капацитетите на сите девет универзитети во рамките на алијансата, верувајте имате ресурси какви што имаат најдобрите научни институции во светот“, истакна ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.
Калеидоскопскиот фестивал, кој прерасна во традиционална годишна манифестација на ACE²-EU алијансата, оваа година се реализира под мотото „100 гласови – една иднина“ (100 Voices – One Future). Домаќин на тридневниот настап е Универзитетот „Константин Бранкуш“ во Таргу Жиу, Романија, каде преку дебати, панел-дискусии со високи европски претставници, дигитални предизвици и културни настани се креира простор за соработка на идните генерации академски граѓани.
Учеството на УГД во вакви меѓународни рамки уште еднаш ја потврдува отвореноста, квалитетот и посветеноста на Универзитетот кон европските образовни стандарди и промоцијата на македонското културно наследство на европската сцена.

