Проф. д-р Емилија Јаневиќ-Ивановска од Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип го доби престижното француско одликување „Витез во Редот на академските палми“ (Chevalière dans l’Ordre des Palmes académiques).
Признанието, кое го доделува Министерството за образование на Република Франција, на професорката Јаневиќ-Ивановска ѝ го врачи амбасадорот на Франција во земјава, Н.Е. Кристоф Ле Риголер (Christophe Le Rigoleur), на свечена церемонија што се одржа на 4 ноември 2026 година во Француската резиденција во Скопје.
Одликувањето претставува потврда за нејзината научна работа, придонесот во развојот на медицинските истражувања, како и за континуираното унапредување на универзитетската соработка и франкофонијата.
„Вие сте личност со огромно значење за франкофонијата и универзитетската соработка. Токму поради таа поврзаност и вашиот придонес во развојот на медицинските истражувања, Француската Република одлучи да Ви го додели ова признание. Со ова одликување, францускиот министер за образование и Франција оддаваат почит на една извонредна научна кариера, но и на вредната посветеност во служба на пријателството и соработката меѓу Франција и Северна Македонија“, истакна амбасадорот Ле Риголер при доделувањето.
Обраќајќи се пред присутните, проф. д-р Јаневиќ-Ивановска изрази благодарност за укажаната чест, истакнувајќи ја емотивната тежина на ова признание во нејзината долгогодишна кариера.
„Со огромна благодарност и силни емоции денес го примам ова одликување. Искрено ѝ благодарам на Француската Република и Вам, амбасадоре, за довербата, вниманието и организацијата на оваа свеченост. Кога ми беше кажано дека вечерва треба да се обратам, сфатив дека и по толку многу години имам голема трема – трема од честа што ми е укажана, од почитта кон сите вас и од значењето на моментот што го споделуваме заедно“, изјави професорката Јаневиќ-Ивановска.
Одликувањето „Ред на академските палми“ е едно од најстарите цивилни признанија во Франција, востановено од Наполеон Бонапарта во 1808 година, со кое се оддава почит на истакнати академици и личности за исклучителни заслуги во областа на образованието, науката и културата.
Дел од церемонијата на доделувањето погледнете во продолжение:


