Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип беше домаќин на инспиративно предавање со наслов „21 век – век на водородната економија“, одржано од истакнатата професорка Дариа Владикова од Бугарија. Настанот го отвори деканот на Факултетот за информатика, проф. д-р Сашо Коцески, кој ја истакна клучната улога на образованието и истражувањето во подготовката на идните генерации за енергетската транзиција.
Во своето предавање, професорката Владикова ја нагласи неопходноста од вклучување на знаењата за водородните технологии во сите нивоа на образованието. Таа посочи дека за успешна имплементација на Европскиот зелен договор (Green Deal), образованието мора да биде во фокусот.
Голем број анализи и научни студии покажуваат дека Европската Унија ќе има потреба од најмалку 180.000 директно вработени, квалификувани работници во оваа област до 2030 година, што ја поставува образованието како клучен предизвик.
Како одговор на овие предизвици, една од клучните иницијативи е „European Hydrogen Academy“, чијашто цел е да создаде мрежа на училишта и универзитети, да подготви неопходни образовни материјали и да ги поддржи наставниците во нивното усвојување.
На предавањето присуствуваа ученици од неколку средни училишта од цела Македонија заедно со нивните ментори, како и студенти од техничките факултети при УГД.
Овој настан претставува прв чекор за вклучување на локалните институции во европските образовни мрежи. Претставниците на академијата изразија подготвеност да им дадат целосна поддршка на заинтересираните страни за влез во овие мрежи, како и соодветни образовни материјали на англиски јазик.