Во рамките на одбележувањето на Erasmus Days 2025, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип организираше настан на тема „Erasmus Days with ACE2EU“, кој се одржа на 15 октомври во Мултимедијалниот центар на Економскиот факултет. Настанот беше посветен на запознавање на студентите и академската заедница со широкиот спектар на можности што ги нуди членството на УГД во Европската алијанса на универзитети ACE2EU.
Преку презентации и интерактивни дискусии, студентите од сите циклуси на студии имаа можност да дознаат повеќе за академската и професионалната мобилност, истражувачките активности, културната размена и волонтерските програми што оваа европска алијанса ги овозможува.
Настанот го модерираше проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, која во воведното обраќање истакна дека ACE2EU е мост што ги поврзува студентите и професорите со водечките универзитети во Европа, овозможувајќи размена на знаење, искуства и идеи.
Во рамките на програмата беа презентирани и конкретните работни пакети на Алијансата:
Работен пакет 2 (APP Factory) – го претстави проф. д-р Борка Тушевска-Гавриловиќ, која зборуваше за развојот на практични апликации и иновативни решенија во академски контекст;
Работен пакет 3 (ARIES Incubator) – го презентираше проф. д-р Сара Сребренковска, со фокус на можностите за младинско претприемништво и истражувачка поддршка;
Работен пакет 4 (SPACE Centre) – проф. д-р Даниела Коцева ги претстави активностите насочени кон општествени партнерства и културна вклученост.
Дополнително, м-р Игор Стојанов сподели информации за медиумската и онлајн комуникација во рамките на ACE2EU, додека Милкица Миленкоска ги запозна присутните со административните постапки и документацијата за мобилности.
Посебен впечаток оставија студентите Елена Трајковска и Тодор Маријановиќ, кои ги споделија своите позитивни искуства од учеството во Erasmus+ програмите и ги мотивираа своите колеги да се охрабрат и да аплицираат за меѓународни размени.
Сите презентации и информации кои се важни за студентите погледнете ги во видеото во продолжение.


