Search

„Критични прашања за земјоделството и животната средина“ – Студентска конференција во рамките на Денови на млади истражувачи

Споделете

По повод Светскиот ден на науката за развој и мир, Земјоделскиот факултет традиционално, неколку години по ред, го организира настанот „Денови на млади истражувачи“.

 – Започнавме на 11 ноември со Brain gain конференцијата во рамките на проектот „Карбоника“, а денес ја одржуваме 6. Студентска конференција „Критични прашања за земјоделството и животната средина“. И оваа година имаме значителен интерес од студенти на прв, втор и трет циклус студии. Всушност, ова е конференција, простор и место каде што студентите го имаат главниот збор, истражуваат и под менторство на професорите ги презентираат резултатите од своите истражувања. Од прв циклус студии имаме вкупно 14 усни презентации, исто толку и од втор и трет циклус. Горди сме што, покрај студентите на Земјоделски факултет при УГД, се пријавиле студенти и од другите релевантни институции во државата, односно од другите факултети, од УКИМ, УКЛО, Институтот за хемија, Институтот за биологија, Технолошко-техничкиот факултет Велес.

Нашите студенти имаат јасна порака – производството на храна е многу важно како за денешницата, така и за иднината. Особено е важно со промените со кои се соочуваме, како што се климатските промени и предизвиците со кои се соочуваме и нормално решенијата кои треба да се пронајдат. Младите се нашата идна генерација и треба да бидат носители на производството на здрава храна. Здрава храна значи и здрав живот – изјави деканката на Земјоделски факултет, проф. д-р Емилија Арсов.

Деканката Арсов изјави дека трудовите и презентациите пристигнати на конференцијата покажуваат дека нивото на истражување кај младите и студентите е подигнато многу високо, за поздравување се и младите истражувачи и менторите. Станува збор за практични теми кои се применливи во земјоделското производство. Сите заклучоци што ќе бидат донесени на конференцијата е важно да се променат на терен, на површините каде што навистина тоа е потребно.

Деновите на млади истражувачи завршуваат во четврток, 13 ноември, со настанот Отворени лаборатории, каде што се поканети сите средношколци од Штип и од околните градови да дојдат на отворен практичен лабораториски ден, каде што ќе бидат изведувани експерименти во студентските и во Научноистражувачкиот центар на Земјоделскиот факултет.