Search

УГД домаќин на „Истражувачка мисија“ на Европската алијанса ACE 2 EU

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ е домаќин на настанот „Истражувачка  мисија“, кој е дел од Европската алијанса на универзитети ACE 2EU.

 „Сите универзитети од алијансата се собираат на едно место, токму тука кај нас и заедно со нашите професори учествуваат во кокреација или заедничко креирање и создавање на идни едукативни активности и можности кои во суштина понатаму ќе бидат дел од редовната настава и образовни програми во рамките и на Универзитетот „Гоце Делчев“, меѓутоа и во рамките на алијансата. Ова, се разбира, не е само можност да се разработат вакви програми, туку и да се воспостават понатамошни контакти, дополнителна соработка со колегите од другите универзитети и да се постават базите за она што ние го замисливме во иднина, еден единствен универзитет во рамките на Европската универзитетска алијанса. Тема на денешниот настан е ʼБезбедност и сигурност за резилиентно и инклузивно општествоʼ. Се соочуваме со многу предизвици во денешно време, од војната во Украина, сега војната во Палестина, меѓународни турбуленции, така што сите земји, како и индивидуалните лица се секогаш врзани со ризик. Дали се тоа ризици кои доаѓаат однатре или пак однадвор е причина поради која решивме дека ова за нас е една актуелна тема што би сакале да ја адресираме и да ја поставиме како основа за идните едукативни активности“, изјави проректорката за меѓународна соработка на УГД, проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска.

 

   „Драго ми е што денес имаме можност да ги поздравиме колегите од Алијансата ACE 2EU кои заедно почнуваат една многу интересна активност што ќе ги покрие безбедноста и инклузивноста од сите можни аспекти, почнувајќи од проблемите кои се геополитички, воено и слично, дигиталната безбедност, безбедноста од аспект на климатските промени, заштитата на средината во случај на вонредни состојби кои сѐ почесто ги имаме. Значи, еден холистички пристап во кој од различен аспект ќе дадат придонес овие обуки, идни можности за едукација на студентите не само на нашиот универзитет, туку од сите девет универзитети членки на Алијансата. Ова ќе овозможи еден нов пристап во подготовка на идните кадри за справување со овие состојби. Јас сум сигурен дека и УГД, и нашите професори и  нашите студенти, ќе го дадат максимумот и ќе имаат два интензивни работни дена и се надевам дека ова е само еден почеток на многу интересни активности кои набрзо во наредните години ќе следат. Почнуваме од кратки обуки, летни школи, а ултимативно би требало да завршиме со заеднички студии на прв, втор и трет циклус, па на крај и еден универзитет кој ќе биде основан во рамки на Европската Унија. Тоа е процес кој веќе живее, и нашите студенти можат да бидат дел од тие школи, кои полека ќе прераснуваат во формални школи, најпрво од втор и трет циклус, а потоа и прв циклус, додипломски студии. Временскиот простор е некаде од четири до седум години, бидејќи треба да се оформи едно заедничко правно лице, кое ќе биде лоцирано на територијата на ЕУ, најверојатно во Брисел, тоа се процеси кои вклучуваат и академски и правни аспекти, а интензивно се поддржани од Европската комисија, и ние се надеваме дека не само што ќе бидеме рамноправни, ќе им овозможиме на нашите студенти навистина да бидат изложени на едно сосема ново ниво на знаења, квалитетно образование и европска диплома“, изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

На свеченото отворање на Истражувачката мисија на УГФД присуствуваше и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, кој истакна дека е важно што Штип е домаќин на ваков настан и меѓународната соработка дефинитивно е услов за развој на нашиот град.

Овој настан и доаѓањето на професори од европски универзитети, преносот на знаења ќе овозможи едни посилни институции, можност за создавање на политики, преку кои ќе се создаде и ќе се креира едно посовремено, помодерно и поинклузивно општество. Драго ми е што во Штип ќе се врши преносот на знаење, а благодарение на членувањето на УГД во Европската алијанса на универзитети сум сигурен дека и во периодот што следи, преку тој пренос на знаења и преку заедничко учество и вмрежување ќе се создаде развој во различни сфери во општеството, различни сегменти, и сето тоа верувам дека ќе придонесе до создавање на развој во нашиот град“, изјави градоначалникот Јорданов.

На неколку панели, во двата дена, професорите од европските универзитети заедно со професорите од УГД ќе работат на темите поврзани со безбедноста, а во дел од престојот ќе можат да се запознаат и со Штип и дел од неговата културно-историска понуда.