Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Стопанска комора на Северна Македонија и Општина Штип денес потпишаа Иницијатива за основање на Иновациски центар во Штип, чијашто цел е да се поттикне претприемништвото кај младите и да се овозможи развој на нови бизниси со поддршка од Универзитетот, Локалната самоуправа и бизнис-заедницата.
Ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, истакна дека станува збор за заеднички напор на сите релевантни чинители во регионот.
„Овој Иновациски центар е заеднички напор реалниот сектор, стопанството, локалната самоуправа и компаниите од овој регион, заедно со Универзитетот, да направат еден мост за да можат нашите студенти и професори да ги развијат своите идеи до степен на комерцијализација, да придонесат за реално вработување на идните генерации, да придонесат реално за развој на стопанството во овој регион и реално да имаме подобри шанси за успех и од аспект на економијата, но и од аспект на квалитетот на животот во овој регион. Нашите студенти би можеле тука да прават бизниси коишто се компетитивни каде било во светот. Таа идеја за мене е благородна и дискусијата навистина е излишна. Кога имате можност реалниот сектор заедно со Локалната самоуправа и Универзитетот на младите луѓе коишто се кај нас да им отвораме простор да се развијат како поединци, да направат поврзувања со реалната економија и да направат бизниси од коишто ќе можат да живеат и тие и нивните идни вработени, со подобри услови за работа, повисоки плати и поголем развој“, изјави Мираковски.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, нагласи дека Штип и Универзитетот се подготвени да партиципираат во процесот на трансформација на образованието во насока на потребите на бизнисот.

„За оваа соработка со Општина Штип и со Државниот Универзитет, лично сметам дека, и Општината и Универзитетот се подготвени да партиципираат во тој процес најдобро од сите други општини и универзитети во државата. Одговорно можам да го потврдам со тоа што Универзитетот ʼГоце Делчевʼ во Штип практично е првиот којшто ги следи сите активности за трансформација на образованието во поглед на потребите на бизнисот… Она што Стопанската комора ќе го направи е да излеземе надвор од рамките на државата и со поддршка на економскиот инвестициски форум со седиште во Трст, во рамките на Европската Унија, како продукт на планот на канцеларката Меркел за поддршка на Западен Балкан, како и со проектни активности финансирани од Европската Унија, да овозможиме програми за Општината и за Универзитетот кои со европски средства ќе придонесат за нивен развој“, истакна Азески.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, посочи дека Иницијативата претставува чекор кон подобрување на условите на пазарот на труд и капитал, како и кон зајакнување на регионалниот развој.
„Целта е да се помогне на пазарот на капитал и на пазарот на труд, во насока на подобрување на можностите за регионален и локален развој. Штип како регионален центар е генератор на регионален развој, а овде се вклучени сите други чинители. Верувам дека од оваа Иницијатива ќе произлезат можности за отворање на нови бизнис-идеи и нови работни места, овозможување на младите да се стекнат со соодветни вештини и знаења, но и поголема искористеност на националните и европските фондови. Клучен фактор ќе бидат сопствениците на капитал, кои верувам ќе се мотивираат да инвестираат во нови вредности и развој“, рече Јорданов.
Бизнисменот Маријан Јофчевски ја оцени Иницијативата како почеток на процес кој треба да донесе поквалитетен кадар за потребите на стопанството.
„Веќе долги години гледаме како продуцираме кадри кои ние треба да ги консумираме во иднина, а не се толку квалитетни и на крајот завршуваат во другите земји како неквалификувани кадри. Тоа што му треба на бизнисот е да имаме и комуникација и соработка. Ова е почеток на една голема иницијатива и идеја“, изјави Јофчевски.
Со Иницијативата се отвора можност за воспоставување системска соработка меѓу академската заедница, Локалната самоуправа и бизнис-секторот, со цел задржување на младите во регионот и создавање конкурентни компании со потенцијал за настап и на меѓународниот пазар.


