На 21 октомври 2026 година, студентите на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип реализираа теренска настава и учествуваа на еднодневниот едукативен семинар „Собранието однатре: Дом на парламентарното право“.
Посетата беше организирана по покана на Парламентарниот институт, под менторство на вонр. проф. д-р Анета Стојановска-Стефанова, а беше наменета за студенти од наставните центри во Штип, Скопје и во Гевгелија.
Програмските содржини опфатија повеќе тематски целини од областа на уставното право, политичкиот систем, парламентаризмот, меѓународните односи и дипломатијата.
Активноста овозможи непосредно поврзување на академските знаења со институционалната практика и придонесе за продлабочување на разбирањето на студентите за историскиот развој на македонската државност, парламентарната демократија, функционирањето на законодавната власт и улогата на државните институции во меѓународните односи.
Семинарот овозможи студентите да ги поврзат наставните содржини со институционалната практика, да поставуваат прашања и да учествуваат во дискусии.
Како потврда за успешната соработка и придонесот во реализацијата на едукативната активност, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип доби официјална Благодарница од Собранието на Република Северна Македонија за придонесот во успешната реализација на семинарот „Собранието однатре: Дом на парламентарното право“, имплементиран од Парламентарниот институт.
Добиеното признание претставува потврда за значењето на институционалната соработка меѓу високообразовните установи и државните институции, особено во контекст на унапредувањето на практичното образование, развивањето демократски вредности и поттикнувањето на активното учество на студентите во едукативни активности надвор од универзитетските простории.
Благодарност до Собранието и Парламентарниот институт за гостопримството, професионалната организација и успешната соработка.
Честитки до студентите за активното учество и интересот за стекнување нови знаења.

