Search

Професорки од УГД единствени од Македонија меѓу добитниците на Наградата за италијанистика „Фајано“

Споделете

Одбележувањето на Неделата на италијанскиот јазик во светот беше повод за потсетување на значајната меѓународна Награда за италијанистика „Фајано“, која за првпат ја добија професорки од Македонија. Професорките Јована Караникиќ-Јосимовска и Ева Ѓорѓиевска од Филолошкиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ја имаат таа чест, а амбасадорот на Република Италија во Македонија, Н.Е. Паоло Палминтери, потсети и дека наградената книга „Италијанската литература и култура на барокот, просветителството и неокласицизмот“ беше промовирана токму лани, на Неделата на италијанскиот јазик во светот.

– Многу ми е драго што денешниот настан се одржува веднаш по ова многу важно признание. Наградата „Флајано“ е голема традиција и значајна пресвртница на италијанската книжевна сцена, па затоа наградата што ја добија двете професорки за нивната книга е навистина значајна. Исто така, драго ми е што основната тема останува Неделата на италијанскиот јазик во светот, со оглед на тоа што книгата беше претставена минатата година на еден од тие настани – изјави амбасадорот Палминтери.

– Наградата „Флајано“ се доделува на меѓународна манифестација во Пескара, почнувајќи од пред 53 години, во категории на кино, журнализам, литература и останати уметнички експресии. Во поткатегоријата „Лука Атаназио“, италијанистика, започнува да се доделува пред 25 години и станува збор за награда која првпат им е доделена на македонски авторки во меѓународна конкуренција на светско ниво. Останатите добитници се од Канада и од Египет. За нас тоа претставува едно признание за нашата досегашна работа и поттик за понатамошен труд и вложување во литературата и културата на Италија. Така, значи станува збор за едно енциклопедиско издание кое опфаќа три периоди, 17 и 18 век, односно барокот, просветителството и неокласицизмот. Двојазично е изданието, теоретскиот дел е на македонски јазик, додека вториот дел се оригинални автентични текстови коишто ретко можат да се сретнат во нашата литература. Значи има текстови од различна провениенција, како да речеме текстови поврзани со судењето на Галилео Галилеј, потоа текстови извлечени од одредени флаери кои биле присутни при промоција на театарот на Комедија дел арте и слично – рече проф. д-р Ева Ѓорѓиевска.