Катедрата за италијански јазик и книжевност при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип организира Обука за наставници по италијански јазик и книжевност, посветена на современите пристапи во проверката и оценувањето на јазичните компетенции. Обуката се реализира со поддршка на Амбасадата на Италија во Скопје.
Предавач на обуката е проф. Лоренцо Рока, вонреден професор и лингвистички експерт на Советот на Европа, како и раководител на национални и меѓународни јазични проекти при Друштвото „Данте Алигиери“. Тој е член на Научниот комитет CLIQ и има долгогодишно искуство во Центарот за евалуација и јазични сертификати (CVCL) при Универзитетот за странци во Перуџа, каде што работел како изготвувач на тестови, обучувач и координатор на активности.
Неговата истражувачка работа е насочена кон поврзаноста меѓу наставата и оценувањето во миграциски контекст, при што има објавено научни трудови, силaбуси и спецификации за испити наменети за возрасни мигранти. Во рамките на ALTE е претседавач на LAMI (Language Assessment Migration and Integration), а во 2020 година му е доделено научното звање вонреден професор.
Темата на обуката е „Проверка и оценување на јазичните компетенции“, а програмата е структурирана во две сесии:
- петок, 27 февруари 2026 година, од 15:00 до 18:30 часот;
- петок, 13 март 2026 година, од 15:00 до 18:30 часот.
Во рамките на Обуката ќе бидат обработени повеќе клучни тематски области, меѓу кои: основи на language testing, техники на проверка и пристапи кон оценувањето, фазите на развој на тест според стандардите на ALTE, критериуми за избор на инпут, конструирање соодветни и автентични задачи, изработка на скали за оценување, доделување бодови кај субјективни тестови, како и јазичниот и писмениот профил – од ЗЕЈР (QCER) до референтниот водич ALSILMA. Дополнително, ќе се дискутира за дефинирање на профилот на учениците и за импликациите на повеќејазичното и интеркултурното образование врз процесот на оценување.
Со оваа Обука, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип продолжува со својата заложба за унапредување на наставните практики и зајакнување на професионалните компетенции на наставниците по странски јазици, во согласност со европските стандарди и современите образовни трендови.



