Студентите од Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип сè почесто ги користат можностите што ги нуди ACE2EU алијансата за меѓународна размена, практично учење и вмрежување.
Една од нив е Елена Рибарска, студентка на Општа медицина на Факултетот за медицински науки, која неодамна учествуваше на меѓународен хакатон во Полска.Во изминатиот период Рибарска беше дел од хакатон организиран на Medical University of Gdańsk, каде што студенти од различни земји работеа на реални здравствени предизвици.
„Работевме во тимови од четири учесници, интензивно 24 до 48 часа, на развој на иновативни идеи и нивна презентација пред стручна комисија“, вели Рибарска.
Хакатонот беше фокусиран на два клучни предизвици – развој на решенија за кризни состојби и подобрување на квалитетот на живот кај пациенти со канцер. Нејзиниот тим, составен од студенти по медицина и фармација, работел на иновативен производ наменет за употреба во средини со ограничени ресурси.
„Процесот вклучуваше генерирање идеи, нивна разработка, добивање повратни информации од фасилитатори и подготовка на финален питч“, објаснува таа.
Освен практичната работа, студентите имале можност да посетат медицински институции и да се запознаат со функционирањето на здравствениот систем во Гдањск. Дополнително биле организирани едукативни сесии кои ги поврзуваат медицината и претприемништвото.
„Ова искуство ми овозможи да соработувам со студенти од различни земји и да се запознаам со различни перспективи и начини на размислување“, посочува Рибарска.
Според неа, современиот медицински професионалец не треба да се потпира само на теоретско знаење.
„Научив дека покрај теоријата, потребни се креативност, иновативност и интердисциплинарен пристап.“
Искуството ѝ овозможило и директен увид во процесот на создавање стартап – од иницијална идеја до финална презентација.
„Сфатив дека успехот не зависи само од добра идеја, туку и од посветеност, тимска работа и континуирано подобрување“, додава таа.
За Рибарска, учеството на хакатонот претставува повеќе од академска активност – тоа е личен и професионален исчекор.
„Ова беше инспиративно и мотивациско искуство кое ми помогна да го проширам видикот, да излезам од комфор зоната и да стекнам нови знаења и контакти.“
Покрај академскиот дел, престојот во Полска вклучувал и запознавање со локалната култура и атмосферата на градот, што дополнително го збогатило целокупното искуство.
Оваа мобилност е уште еден пример како ACE2EU алијансата отвора конкретни можности за студентите – не само да учат, туку и да создаваат, соработуваат и да се позиционираат во европскиот академски простор.


