Search

Отворен и кариерен ден 2026 на УГД: Над 50 компании и илјадници млади во директна средба со академијата и бизнисот

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип го реализираше традиционалниот Отворен и кариерен ден 2026, настан кој обедини средношколци, студенти, професори и претставници од приватниот сектор, со цел информирање за студиските програми и отворање конкретни можности за кариерен развој.

Настанот се одржа на еднонасочната улица „Ванчо Прќе“, каде посетителите имаа можност директно да се запознаат со академската понуда на универзитетот, условите за студирање, како и со можностите за пракса и вработување преку присутните компании.

Ректорот на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, истакна дека настанот има клучна улога во поврзувањето на младите со реалниот сектор.

„Посебно задоволство е што веќе втора година, со поддршка од локалната самоуправа и Стопанската комора, го организираме овој ден како простор каде сегашните студенти се поврзуваат со компаниите, а идните студенти се запознаваат со можностите што ги нуди универзитетот. За нас ова е од огромна важност, бидејќи на тој начин им овозможуваме на младите да ги реализираат своите цели и да добијат европско образование тука, дома“, изјави Мираковски.

Тој нагласи дека годинава на настанот учествувале над 50 компании, односно вкупно 54, што, според него, е показател за растечкиот интерес од бизнис секторот.

„Компаниите не се само потенцијални работодавачи, туку и ментори кои нудат практична работа, па дури и платени практики. Тоа е процес во кој сите добиваат – компаниите добиваат квалитетен кадар, а студентите можност да ја реализираат кариерата во пракса“, додаде ректорот.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, потенцираше дека развојот на градот е директно поврзан со развојот на универзитетот и соработката со бизнис секторот.

„Ова е одлична можност студентите да се информираат за можностите за студирање и да го трасираат својот професионален пат, а компаниите да дојдат до кадар кој ќе го развиваат. Суштината е младите веднаш по завршувањето на образованието да бидат подготвени за пазарот на труд, што е и клуч за развој на градот“, изјави Јорданов.

Тој додаде дека локалната самоуправа ќе продолжи со подобрување на инфраструктурата и условите со цел Штип да биде атрактивен студентски центар, не само за домашни, туку и за странски студенти.

Од Стопанска комора на Северна Македонија посочуваат дека ваквите настани се клучни за градење функционален образовен систем поврзан со потребите на пазарот.

„Компаниите не треба да се гледаат само како работодавачи, туку како партнери во образовниот процес. Без нивна вклученост ќе имаме дипломци, но не и професионалци. Затоа е важно да се зајакнува врската помеѓу академијата и бизнисот и да се овозможи практична работа уште за време на студиите“, истакна Татјана Штерјова Душковска, оперативен директор за развој, иновации и знаење во Комората.

Отворениот и кариерен ден на УГД и оваа година привлече значителен интерес кај младите, со присуство на околу илјада средношколци, што, според организаторите, претставува позитивен сигнал за интересот за високо образование и за развој на кариерни можности во земјата.