Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип ќе биде дел од настанот „Европа е за можностите“, кој на 21 мај ќе се одржи во aмфитеатарот на отворено при Младинскиот културен центар „Дом на млади“ во Штип, во рамки на одбележувањето на Денот на Европа 2026.
Во периодот од 13 до 17 часот, УГД преку своите факултети, канцеларии и академски единици ќе ги претстави студиските програми, можностите за меѓународна соработка, студентска мобилност и учество во европски образовни програми.
Голем дел од факултетите на Универзитетот ќе имаат свои презентации и информативни штандови, каде што средношколците, студентите и младите ќе можат директно да разговараат со професори, студенти и претставници на академските единици за студиските насоки, практичната настава, можностите за кариера и меѓународните програми што ги нуди Универзитетот.
Посебно внимание ќе биде посветено на активностите на Канцеларијата за Еразмус+ при УГД, која ќе ги информира посетителите за студентските размени, студирањето во странство, краткорочните мобилности, меѓународните партнерства и европските проекти во кои учествува Универзитетот.
Во рамки на „Саемот за можности на ЕУ“ ќе бидат претставени и можностите што ги нудат европските институции, амбасадите на земјите членки на ЕУ, како и граѓанските организации кои работат со млади и студенти.
Покрај саемскиот дел, ќе се одржи и младински дијалог на тема „Можности без граници: Млади, Еразмус+ и ЕУ“, каде што ќе се разговара за европските образовни перспективи, програмите за мобилност и улогата на младите во европските процеси.
Универзитетот „Гоце Делчев“ во изминатите години активно учествува во бројни европски проекти, академски партнерства и програми за мобилност, со што се позиционира како една од високообразовните институции во државата со силна меѓународна соработка и присуство во европски академски мрежи.
Настанот ќе заврши со младински концерт во организација на Музичката академија при УГД – Штип, со што Денот на Европа ќе биде одбележан преку спој на образование, култура, младинско учество и европски вредности.
Денот на Европа традиционално се одбележува низ земјите од Европа преку активности посветени на младите, образованието, соработката и европската интеграција. Во Северна Македонија, годинава фокусот е ставен токму на младите и нивното активно вклучување во европските иницијативи и програми.



