На 10 јуни 2026 година, во Брисел се одржа средба на високо ниво на ректори и претседатели на европските универзитети, која ги обедини институционалните лидери од алијансите на европските универзитети со цел да се дискутира за иднината на иницијативата Европски универзитети и нејзиниот придонес кон иновациите, конкурентноста и трансформацијата на високото образование во Европа.
Настанот беше организиран од Европската комисија, предводен од потпретседателката на Комисијата, Роксана Минзату, при што дискусиите беа насочени кон идната стратегија за алијансите на eвропските универзитети, нивната клучна улога во зајакнувањето на конкурентноста на Европа и меѓународната соработка во високото образование, вклучително и воведувањето на eвропската ознака за диплома како иницијатива насочена кон унапредување на квалитетот и признавањето на заедничките студиски програми низ Европа.
На настанот учествуваа околу 150 ректори и претседатели од 73 eвропски универзитетски алијанси, при што Алијансата ACE2EU беше претставена од проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Сашо Коцески, проректор на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и проф. д-р Michał Markuszewski, ректор на Медицинскиот универзитет во Гдањск.
За време на средбата, ректорите и претседателите разменија мислења за постигнувањата, идниот развој и одржливоста на алијансите на eвропските универзитети, со посебен акцент на институционалната трансформација, заедничките образовни модели, знаeње, соработката во истражувањето и иновациите, како и посилното поврзување со локалните и регионалните екосистеми.
Преку своето учество, ACE2EU ја потврди својата посветеност кон градење применет, поврзан, претприемнички и ангажиран Европски универзитет, зајакнувајќи ја соработката меѓу универзитетите, студентите, истражувачите, вработените и општествените партнери низ Европа, истовремено придонесувајќи кон извонредност, инклузивност, територијална кохезија, демократија, социјална правичност и одржлива соработка преку граници, дисциплини, јазици и култури.


