Search

Одобрен и потпишан нов билатерален научноистражувачки проект меѓу Северна Македонија и Австрија на Земјоделски факултет при УГД

Споделете

Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип продолжува со успешната меѓународна научноистражувачка соработка преку реализација на нов билатерален проект помеѓу Република Северна Македонија и Република Австрија, кој е одобрен за финансирање од Министерството за образование и наука.

На 4 јуни 2026 година во Министерството за образование и наука беше потпишан Договорот за реализација на проектот со наслов „ПАМЕТНИ МИНЕРАЛИ: идентификација на биоиндикативни маркери за следната генерација на храна со додадена вредност“ (SMART MINERALS: Unlocking Bioindicative Markers for Next-Generation High-Value Foods), кој ќе се реализира во периодот од 2026 до 2028 година.

Проектот е во рамки на научната област паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, која претставува една од приоритетните области на Стратегијата за паметна специјализација на Република Северна Македонија.

Главен истражувач на проектот од македонска страна е проф. д-р Биљана Балабанова од Земјоделски факултет при УГД – Штип. Проектот претставува заедничка иницијатива на Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и БОКУ Универзитетот во Виена (Австрија), една од водечките европски високообразовни и научноистражувачки институции во областа на природните ресурси, земјоделството, храната и природните науки.

Целта на проектот е развој на современи аналитички пристапи за идентификација на биоиндикативни минерални маркери кои ќе овозможат подобра карактеризација, следливост и вреднување на храната со висока додадена вредност. Преку примена на напредни инструментални техники и интердисциплинарен научен пристап, проектот ќе придонесе кон унапредување на квалитетот и конкурентноста на земјоделско-прехранбените производи, како и кон зајакнување на научноистражувачките капацитети и меѓународната соработка на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Во рамките на проектот ќе се спроведуваат заеднички истражувања насочени кон идентификација на минерални и изотопски биомаркери, развој на аналитички модели за утврдување на потеклото и квалитетот на храната, како и хармонизација на лабораториските процедури согласно со највисоките европски стандарди. Проектните активности ќе овозможат мобилност на истражувачите, размена на знаења и заеднички публикации со меѓународна видливост.

Одобрувањето на овој проект претставува значајно признание за научноистражувачката работа на Земјоделски факултет и Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, како и потврда за нивната активна улога во развојот на иновативни решенија во областа на одржливото земјоделство, безбедноста на храната и современите аналитички науки. Воедно, проектот дополнително ја зацврстува позицијата на Универзитетот како релевантен партнер во европскиот истражувачки простор и придонесува кон интернационализацијата на научноистражувачките активности на институцијата.