Search

УГД доби европско признание за дигитализација на студентската мобилност

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ е меѓу институциите кои добија европско признание во рамки на иницијативата European Student Card Initiative (ESCI), за својот придонес во унапредувањето на дигиталната трансформација на студентската мобилност во Европа.

Признанието беше доделено на конференцијата „European Student Card Initiative: Shaping Student Mobility Beyond 2027“, која се одржа на 11 јуни во Брисел и собра повеќе од 220 учесници од европските високообразовни институции, национални агенции, студентски организации и други релевантни чинители од областа на високото образование.

Во рамки на свечената церемонија беа наградени 32 ESCI Champions за периодот 2025–2027 година, кои се препознаени како лидери во имплементацијата на дигитални решенија што ја олеснуваат студентската мобилност низ Европа.

Според Мартина Николовска од Канцеларијата за Еразмус при УГД, ова е втор мандат во кој претставници на Универзитетот се дел од мрежата на ESCI Champions.

„Ова е нашата втора генерација шампиони. Во моментов преку прашалници и онлајн состаноци работиме на нова стратегија за подобрување на платформата за дигитализација на студентската картичка, интеринституционалните договори и Еразмус апликацијата“, истакнува Николовска.

Таа додава дека Универзитетот „Гоце Делчев“ од академската 2024/2025 година започнал со изработка на студентски картички, додека веќе трета година успешно ги користи дигиталните договори преку системот Erasmus Without Paper (EWP Dashboard).

„Во моментов имаме повеќе од 400 потпишани договори со партнерски институции, што претставува значајна основа за развој на меѓународната соработка и мобилноста на студентите и вработените“, посочува Николовска.

European Student Card Initiative претставува една од клучните европски иницијативи за дигитализација на високото образование, чија цел е да ја направи студентската мобилност поедноставна, подостапна и поефикасна за студентите и универзитетите низ Европа.

Признанието за УГД претставува потврда за континуираните вложувања на Универзитетот во модернизација на административните процеси, дигитализација на услугите и активно учество во европските образовни иницијативи.