Search

Од Штип до Мадрид: студентите на Технолошко-технички факултет блеснаа на меѓународната модна ревија EMERGE 2026

Споделете

Студентите на Технолошко-технички факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип беа дел од XIV издание на модната ревија EMERGE, која се одржа на 4 јуни 2026 година во Музејот на костимот (Museo del Traje) во Мадрид, Шпанија.

Овогодишното издание „Mythology of Wine“ (Митологија на виното) ги поврза модата, митологијата, културното наследство и современото творештво преку симболичниот свет на виното.

Заедно со студентите и професорите од Универзитетот „Francisco de Vitoria“ (UFV) и од повеќе европски универзитети, студентите на Технолошко-техничкиот факултет активно учествуваа во овој меѓународен проект, реализиран во рамките на програмата Erasmus+ Blended Intensive Programme (BIP) на Алијансата ACE²-EU.

Настанот ги обедини истражувањето, дизајнот, сценографијата и уметничкото творештво преку соработка со проектот ANDROMEDA, истражувачката група IAI, Музејот на костимот и винарницата „Valduero“, создавајќи единствена платформа за интеркултурна и интердисциплинарна соработка.

Во рамките на темата „Mythology of Wine“, студентите ја истражуваа двојствената природа на Дионис – богот на виното, слободата и екстазата – преку креативен дијалог меѓу заштитата и слободата. Горниот дел од креациите е обликуван како симболичен оклоп, кој ги претставува силата, стабилноста и структурата, додека долниот дел, со својата леснотија и движење, внесува флуидност, динамика и сензуалност. Контрастот меѓу овие елементи создава хармонична рамнотежа помеѓу силата и слободата, структурата и движењето, отсликувајќи ја сложената и амбивалентна природа на Дионис.

Учеството на студентите на Технолошко-технички факултет на овој значаен меѓународен настан претставува уште една потврда за нивната креативност, посветеност и способност за успешно претставување на Факултетот и Универзитетот во европски академски и уметнички рамки.

Искрено им благодариме на сите партнери, организатори и учесници за ова незаборавно искуство, исполнето со инспирација, креативност и нови пријателства. Се надеваме дека оваа успешна соработка ќе продолжи и во иднина, отворајќи нови можности за заедничко творење, размена на знаења и градење уште посилни врски меѓу академските и културните заедници низ Европа.