Проф. д-р Елена Максимова од Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип во изминатиот период беше дел од International Visitor Leadership Program (IVLP) – програма за професионална размена на Стејт департментот на Соединетите Американски Држави, во која учесниците се номинираат од амбасадите на САД.
Како претставник на Правниот факултет при УГД и на Република Северна Македонија, проф. д-р Максимова беше дел од програмата „Freedom 250 – U.S. State and Local Government“, организирана по повод одбележувањето на 250 години од независноста на САД. Во програмата учествуваа околу 180 професионалци од повеќе од 80 држави, кои реализираа професионални посети во 64 американски градови.
Во рамки на тринеделната програма, таа ги посети Вашингтон, Ел Пасо (Тексас), Де Моин (Ајова) и Филаделфија, каде што се запозна со функционирањето на американската државна и локална власт, правосудниот систем, јавната администрација, механизмите за транспарентност, економскиот развој, управувањето со кризни состојби, јавната безбедност и регионалната соработка.
Програмата вклучуваше и средби со претставници на државни и локални институции, универзитети, невладини организации и експерти од различни области, при што беа разменети искуства и добри практики поврзани со современото институционално работење.
Учеството во вакви меѓународни програми придонесува за јакнење на меѓународната соработка на Универзитетот „Гоце Делчев“, како и за пренесување на стекнатите знаења и искуства во наставниот и научноистражувачкиот процес, преку воспоставување нови професионални контакти и размена на добри практики.



