Search

Конференција за иднината на Алијансата ACE²-EU во Гдањск

Споделете

На 8 и 9 септември 2026 година во Гдањск, Полска, се одржа Меѓународна конференција за иднината на Алијансата ACE²-EU , како и серија на состаноци на Управниот одбор на Европската универзитетска алијанса ACE²-EU, на кој во фокусот беше токму идниот развој на Алијансата, нејзиното институционално зајакнување и понатамошното продлабочување на соработката меѓу партнерските универзитети.

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип беше претставуван од проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, проректорка за меѓународна соработка, и проректорот за инвестиции и развој, кои активно учествуваа во дискусиите и во разгледувањето на клучните прашања поврзани со идното функционирање и развој на Алијансата.

На настаните учествуваа претставници на деветте партнерски институции на ACE²-EU, и во рамки на конференцијата проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска одржа презентација на тема „Иднината на правниот субјект на Алијансата ACE²-EU“. Презентацијата беше посветена на можностите за понатамошно институционализирање на Алијансата и воспоставување одржлива правна структура која ќе овозможи поефикасно и долгорочно функционирање, како и продлабочување на соработката меѓу партнерските универзитети.

ACE²-EU – Applied, Connected, Entrepreneurial and Engaged European University е Европска универзитетска алијанса која обединува високообразовни институции од девет европски земји. Нејзините активности се насочени кон развој на заеднички иницијативи во областите на образованието и обуката, истражувањето и иновациите, претприемништвото, мобилноста, културата и соработката со општеството.

Со своето активно учество во работата и управувачките структури на ACE²-EU, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип продолжува да го зајакнува своето европско присуство и да придонесува кон развојот на посилна, поврзана и одржлива Европска универзитетска алијанса.