Со тркалезна маса на тема „Кризата на детството: Загубениот дух на детството и смислата на играта“ денес беше промовирано новото авторско дело на проф. д-р Кирил Барбареев од Факултетот за образовни науки на УГД. Настанот предизвика огромен интерес кај публиката – свечената сала на Правниот факултет (каде што се одржа настанот) беше исполнета со студенти, родители, професори и академици кои низ низа прашања пројавија активен интерес за оваа клучна општествена тема.

Во своето обраќање, авторот проф. д-р Кирил Барбареев посочи дека формата на современото детство претрпува сериозни промени:
„Денешното детство се менува, се менува формата на детството и мислам дека и институциите како и индивидуалците треба да бидат многу поподготвени кон предизвиците, да бидат многу поодговорни и да се соочиме со овие ситуации во еден поформален контекст на предизвиците во општеството. Денес се поканети повеќе стручни лица да зборуваат од аспект на психологијата, од аспект на педагогијата, од аспект на духовниот развој, од аспект на родителството, претставник од родителите, со цел да се објасни дека оваа тема е навистина многу широка тема и ги допира сите во општеството.“
Една од промоторките, проф. д-р Лена Дамовска, истакна дека ова е исклучително дело кое прави значајна промена во начинот на односот со децата во денешното брзо време на живеење.

Останатите промотори и учесници на тркалезната маса – Митрополит Европски г. Пимен, проф. д-р Љупчо Кеверески, проф. д-р Томислав Таневски, м-р Марко Трошановски и м-р Мирјана Ѓорѓевска-Ѓуров – исто така посочија дека станува збор за единствено дело од ваков вид во државата. Тие подвлекоа дека книгата длабоко се зафаќа со анализа на тоа што значи да се биде родител денес и ги расветлува сите предизвици на родителствувањето во ерата на интернет и социјалните мрежи.
Модератор на настанот беше проф. д-р Оливер Цацков.


