Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, студиска програма Дентална медицина, и оваа година продолжува со активностите за континуирана стоматолошка едукација на докторите по дентална медицина во Македонија. Во таа насока се одржа 15. Симпозиум за дентална медицина на тема „Дигитална стоматологија: трансформација на клиничката пракса“, со меѓународно учество на предавачи од Македонија и од Србија.
Симпозиумот понуди можност за размена на стручни знаења и искуства, со посебен акцент на современите дигитални технологии, нивната примена во стоматолошката дијагностика и протетика, како и нивното сè поголемо значење во секојдневната клиничка практика.
Проф. д-р Киро Папакоча од Факултетот за медицински науки при УГД истакна дека оваа година Симпозиумот се одржува по 15. пат, со учество на тројца предавачи од домашниот факултет и двајца предавачи од Медицинскиот факултет во Ниш, Република Србија.
„Се трудиме да бидеме во тек со сите новини и предизвици што се случуваат во стоматологијата, особено со дигиталните алатки и апарати кои сè повеќе се воведуваат во современата стоматолошка практика. Нашата цел е новите знаења и достигнувања да им ги доближиме на колегите од Штип и од регионот, за да можат да ги применуваат во секојдневната работа. Интересот за симпозиумите од година на година е сè поголем, особено кај младите доктори и студентите од повисоките години на Студиите по дентална медицина“, истакна проф. д-р Папакоча.
За значењето на новите технологии во стоматологијата говореше и проф. д-р Саша Станковиќ од Медицинскиот факултет во Ниш, кој изрази задоволство од учеството на Симпозиумот и можноста за споделување на стручните искуства со колегите од Македонија.
Тој посочи дека предавањата се насочени кон примената на современите технологии во стоматолошката протетика и пошироката стоматолошка практика, вклучувајќи ги новите дијагностички методи, компјутерската томографија и компјутерскиот дизајн при изработката на протетски помагала.
„Ќе бидат презентирани бројни клинички случаи кои ја покажуваат примената на новите технологии и компјутерскиот дизајн, кои постепено стануваат дел од секојдневната стоматолошка практика. Се надеваме дека присутните колеги ќе стекнат нови знаења кои ќе можат да ги применат во своите ординации“, истакна проф. д-р Станковиќ.
Проф. д-р Весна Трпевска од Факултетот за медицински науки при УГД ја нагласи важноста на континуираната едукација како можност за професионално усовршување, стекнување нови вештини и подобрување на квалитетот на здравствената грижа за пациентите.
Според неа, дигиталната стоматологија веќе е интегрирана во различните фази на стоматолошкиот третман – од планирањето и дијагностиката до изведувањето и реализацијата на терапевтските цели.
„Континуираната едукација не е само наша професионална обврска, туку и можност да стекнеме нови вештини, да го споделиме искуството и да научиме нешто ново, со цел да го подобриме третманот и грижата за пациентите. Студентите се отворени за нови знаења и се љубопитни, а наша задача е да бидеме покрај нив и да им ги пренесеме потребните знаења. Наставата на Универзитетот ʼГоце Делчевʼ е интерактивна, студентите активно се вклучени во предавањата, даваат предлози и заеднички работиме на унапредување на знаењата“, посочи Трпевска.
Симпозиум за дентална медицина е акредитиран од Стручната комисија формирана од министерот за здравство при Стоматолошката комора на Македонија, со 8 бода за пасивно и 12 бода за активно учество.
Со организирањето на овој Симпозиум, Факултетот за медицински науки при УГД ја продолжува својата посветеност на континуираното стручно усовршување на докторите по дентална медицина, следењето на современите научни и технолошки достигнувања и создавањето можности за поврзување на академската заедница со стоматолошката практика.


