Професорката Јована Караникиќ-Јосимовска од Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип се закити со уште едно признание. Нејзиниот превод на кулинарскиот трактат Готвењето како наука и уметноста на убавото јадење од Пелегрино Артузи, објавен во 19 век, освои главна Награда за превод на Конкурсот за национални награди за превод на Министерството за култура.
Преводот е објавен во 2023 година, во издание на Издавачката куќа „Арс Ламина“. Во образложението на Комисијата за наградата стои: „Комисијата одлучи да ја додели наградата на ова дело поради преведувачкиот предизвик да се пронајде соодветна посредничка стратегија меѓу архаизацијата и модернизацијата, при што се истакнуваат воедно и историската димензија на текстот – трактат од XIX век од Пелегрино Артузи La scienza in cucina e l’arte di mangiar bene, кој стана дел од канонот на италијанската книжевност, како и неговата актуелност. Оттука, од една страна, во лексиката се зачувани содржините и особеностите на оригиналниот текст (дефиниции, регионализми, архаизми, односно специфични термини карактеристични за доминантната култура во соодветниот историски период), додека, од друга страна, истовремено е нагласена актуелноста на преведувачкиот потфат, преку воведување, во одредени делови, на јазични споредби и цитати соодветни на димензијата на целниот текст. Македонскиот превод, прв превод на ова дело на јужнословенски јазик, е објавен во 2023 година од страна на една од најголемите македонски издавачки куќи, „Арс Ламина“, со поддршка на Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република (MAECI).“Наградата беше свечено доделена на 16 ноември 2026 година, во седиштето на Министерството на култура на Република Италија во Рим. Свеченоста започна со поздравно обраќање на генералната директорка на Дирекцијата за библиотеки и културни установи, Паола Пасарели, по што следуваа обраќањата на претседателката на Комисијата и на сенаторката и државна потсекретарка Лучија Боргонцони, која ги врачи дипломите. Потоа, професорот Бруно Маѕони од Универзитетот во Пиза, член на Комисијата, ги прочита образложенијата за доделените признанија.
Наградите, покрај тоа што претставуваат признание за исклучителни достигнувања во областа на културното посредување, истовремено се и привилегирана платформа за согледување и преиспитување на концептот на преведувањето, во неговата најширока и интердисциплинарна смисла, во меѓународен контекст.
Генералната директорка на Генералната дирекција за библиотеки и културни институти, Паола Пасарели, во оваа пригода изјави:
„Со овие награди имаме намера не само да ги препознаеме заслугите и извонредноста на професионалците од областа на преведувањето, туку и повторно да ја потврдиме посветеноста на институциите кон промоцијата на читањето, издаваштвото и меѓународната културна соработка. Ако, како што вели Умберто Еко, ‘јазикот на Европа е преведувањето’, тогаш вреднувањето на преведувањето значи и вложување во културата како средство за разбирање, отвореност и дијалог меѓу народите.“
Националните награди за превод се признанија (Premi nazionali per la traduzione) што Министерството за култура на Италија им ги доделува секоја година на италијански и странски преведувачи и издавачи. Востановени се во 1988 година, со Министерскиот декрет од 4 февруари 1988 година. Наградите се наменети за преведувачи и издавачки куќи кои со својата дејност придонеле за промоција на италијанската култура во странство или на културата на други јазични средини во Италија. Ги доделува стручна комисија, која избира по еден добитник во секоја од следниве категории: преведувач кој превел на италијански јазик едно или повеќе дела од друг јазик — класичен, современ или дијалект; преведувач кој превел на странски јазик едно или повеќе дела напишани на италијански јазик или на некој од италијанските дијалекти; италијански издавач за дела преведени од странски јазик — класичен, современ или дијалект; странски издавач за дела преведени од италијански јазик или од некој од италијанските дијалекти. Наградите дополнително се делат на „главни“ и „специјални“ награди.


