Search

Проф. д-р Оливер Цацков со нова седумтомна едиција за Балканските војни и Македонскиот фронт: Историско сведоштво за македонското минато

Споделете

Во НУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Штип беше промовирана седумтомната едиција посветена на Балканските војни (1912–1913) и Македонскиот фронт (1915–1918), во авторство на проф. д-р Оливер Цацков од Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и д-р Анита Илиева-Николовска од Македонската академија на науките и уметностите.

Настанот беше збогатен и со отворање на изложбата „(Не)завршена историја – Визуелни записи“, составена од авторски цртежи на Јована Коцева и историски текстови од проф. д-р Оливер Цацков, како и со премиерното прикажување на краткометражниот документарен филм „Крвавата битка на Брегалница“, снимен во 1913 година од рускиот автор Самсон Чернов.

Според проф. д-р Оливер Цацков, основната цел на седумтомната едиција, заедно со универзитетскиот учебник, е да се прикаже Македонскиот фронт како значаен дел од македонската историја и да се осветли судбината на Македонците кои ги загубиле животите во воените судири.

„Оваа едиција има за цел да го прикаже овој фронт како наш, македонски, бидејќи историографијата е убедена и тврди дека, а фактите го кажуваат тоа, Македонија не доби ништо од тоа, туку напротив. Истражувањата и фактите што ги документиравме треба да бидат трајно сведоштво за сите оние Македонци кои ги дадоа своите животи, а чии посмртни останки сè уште се расфрлани на просторот од Беласица до Охрид и од Криволак до Охрид. За жал, за многумина од нив никогаш нема да ги дознаеме имињата“, истакна Цацков.

Изложбата „(Не)завршена историја – Визуелни записи“ има за цел да ја доближи историската перспектива и до локалната публика, особено до штипјани, преку визуелна реконструкција на воените случувања и животот во градот за време на Балканските војни. Цацков посочува дека малкумина денес се свесни за историското значење на просторот околу Штип, каде што се допирале интересите на тогашните кралства и каде што започнале судирите во Брегалничката битка.

„Преку изложбата, со еден имагинарен приказ, сакаме да доловиме како штипјани ја доживувале војната, неизвесноста и стравот, особено оние кои од своите прозорци практично биле непосредни сведоци на воените случувања“, објаснува Цацков.

Посебен интерес предизвика премиерното прикажување на филмскиот запис од Брегалничката битка, кој, според Цацков, претставува исклучително значаен историски материјал. До неговото пронаоѓање, како што посочува, трагал околу десет години, а записот конечно го открил во Државниот архив.

Снимката на рускиот автор Самсон Чернов, направена во 1913 година, претставува ретко визуелно сведоштво за воените случувања во овој регион пред повеќе од еден век. Нејзината вредност е особено голема ако се има предвид дека воените услови и тогашната цензура сериозно го ограничувале снимањето и документирањето на битките.

„Штипјани за првпат ќе имаат можност да видат како изгледала Брегалничката битка преку автентичен филмски запис од пред 113 години. Овој материјал, заедно со изложбата, претставува значајно визуелно и историско дополнување на досегашните сознанија за оваа проблематика“, нагласува Цацков.

Авторот најавува дека истражувачката работа продолжува и дека седумтомната едиција нема да биде последниот придонес во оваа област. Во иднина се планирани нови истражувања, дополнителни сознанија и нивно презентирање пред научната и пошироката јавност.

„Она што е значајно да го истакнеме во едни вакви геополитички случувања, кон европските процеси каде што треба да отвораме поглавја а не да менуваме историја, овие двајца автори вложиле голем труд. Детално се разработени доста фактографски и историски документи кои досега не беа објавени во целост. Значи, направен е еден микроисториски проект. Тоа во историската наука значи дека се оди во многу детали, да се објаснат Балканските војни, нивното значење, македонскиот народ дека војувал за туѓи интереси и туѓи војски, најмалку за своите интереси. Меѓутоа, сакам да истакнам дека за нас како Македонци особено е значајно, затоа што ако не ја знаеме историјата таа секојпат се повторува.

Ова е само еден исчекор кон нешто многу поголемо што допрва ќе следува. Тоа е проект околу Македонскиот фронт, особено дојранските позиции околу Дојранскиот фронт. Навистина е жално што ние, како Македонци, не вложувам доволно е труд, а да ја погледаме само грчката страна, како е направен тој орнамент, тој музеј кој има отворен и затворен дел. Мислам дека е време и ние тоа да го направиме, да им дадеме повеќе публицитет на историјата, културата и јазикот, затоа што тоа ни останува нам како Македонци“, рече проф. д-р Андреј Илиев, промотор на седумтомната едиција.

Со оваа промоција, проф. д-р Оливер Цацков и неговата коавторка даваат значаен придонес кон историското истражување и афирмацијата на македонското минато, поврзувајќи ги научната литература, визуелната уметност и архивските филмски материјали во единствена приказна за едно од најзначајните и најтрагичните историски поглавја на овие простори.