Search

Соопштение за јавност

Споделете

Почитувани студенти, вработени, партнери и претставници на јавноста,

Би сакале да ве информираме дека Универзитетот „Гоце Делчев“ во текот на изминатата недела беше цел на сајбер-напад насочен кон нашата дигитална инфраструктура.
Веднаш по детектирањето на неовластената активност, техничките тимови на Универзитетот постапија согласно со актуелните безбедносни протоколи и превентивно ги изолираа засегнатите системи со цел да се спречи понатамошно ширење на инцидентот.

Настанот веднаш беше официјално пријавен до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ), како и до останатите надлежни институции.
Во текот на изминатата недела, стручен тим за дигитална форензика и сајбер-безбедност, во координација со нашите информатички служби и според пропишаните протоколи, спроведе детална форензичка анализа на инцидентот.

Во тек е целосна санација на инфраструктурата и подготовка за безбедно пуштање на сите сервиси во функција.

Клучни информации за состојбата на податоците и системите:

  • Валидни и безбедни резервни копии (backups): Потврдуваме дека резервните копии на сите универзитетски системи и бази на податоци се целосно валидни, зачувани и во одлична состојба, што овозможува сигурно и контролирано враќање на сервисите.
  • Враќање на сервисите: По целосното завршувањето на форензичката постапка и безбедносните проверки, ќе започнеме со етапно и контролирано пуштање во употреба на дигиталните сервиси. За секој обновен сервис студентите и вработените ќе бидат навремено известени преку официјалните канали на Универзитетот.
  • Континуитет на наставата: Наставниот и административниот процес продолжија да се одвиваат непречено, со соодветно приспособување до целосната нормализација на дигиталните платформи. Студентите и вработените беа навремено известени дека сите потребни потврди и документи можат непречено да ги извадат во физичка форма на шалтерите на студентските служби и оваа  пракса што продолжува сè до целосното враќање на електронските сервиси.

 

Им благодариме на студентите, наставниот кадар и соработниците за разбирањето, трпението и поддршката.