На Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип се реализираше академска посета на претставници од Националната спортска академија „Васил Левски“ и Факултетот за јавно здравје, здравствена заштита и туризам во Софија, Република Бугарија, во рамките на која беше потпишан Меморандум за соработка насочен кон продлабочување на научната и образовната соработка меѓу двете високообразовни институции.
Во рамките на посетата на УГД престојуваше проф. д-р Даниела Љубенова, проректор за квалитет на образованието и акредитацијата при Националната спортска академија „Васил Левски“, а воедно и поранешен декан и продекан на Факултетот за јавно здравје, здравствена заштита и туризам.
Посетата се реализира во рамките на мобилностите по проектот № BG05SFPR001-3.004-0015 „Development of Project-Based Doctoral Programmes and Establishment of a Doctoral School at NSA (ProDoDU)”, финансиран во рамките на Програмата „Образование“ 2021–2027.
Во текот на престојот, проф. д-р Љубенова и членовите на академскиот кадар во посета реализираа предавања за студентите на УГД од областа на физиотерапијата, овозможувајќи им на студентите-физиотерапевти да се запознаат со нови искуства и современи пристапи во оваа област.
Проф. д-р Љубенова истакна дека нејзината соработка со УГД не е нова и дека пред три години престојувала на Универзитетот во рамките на наставничка мобилност преку програмата „Еразмус+“.
„Пред три години бев и на размена на наставници во рамките на програмата Еразмус и сум многу импресионирана од специјалностите што ги развивате, а особено од физиотерапијата што ја имате на универзитетот. Бидејќи сум професор по физиотерапија, имам задоволство да разменувам искуство со вашите наставници и студенти во оваа област, а со мене има и докторанди кои исто така се во областа на физиотерапијата“, истакна проф. д-р Љубенова.
Таа нагласи дека соработката меѓу Националната спортска академија „Васил Левски“ и УГД има потенцијал да се развива во повеќе области, особено во научноистражувачката и докторската едукација.
„Меморандумот што сега ќе го потпишеме е поврзан со развојот на нашите односи во научната област, за заеднички магистерски и докторски програми и развој меѓу двете високообразовни институции“, посочи Љубенова.
Како значајна можност за идната соработка таа ја издвојува и активната вклученост на професорите и академскиот кадар во заеднички научни активности.
„Предавачи можат да учествуваат во научни активности, на конференции, во научни статии што можеме заеднички да ги објавуваме со вашите професори и вонредни професори тука во Штип“, додаде проф. д-р Љубенова.
Меморандумот претставува продолжување и надградување на досегашната соработка воспоставена преку програмата „Еразмус+“, отворајќи дополнителен простор за заеднички научноистражувачки активности, мобилности, работилници, конференции и публикации, како и за развој на заеднички магистерски и докторски студиски програми.
Особено значење во соработката има областа на физиотерапијата, каде што размената на знаења и искуства меѓу академскиот кадар и студентите создава можности за унапредување на наставниот процес и поврзување на практичните и научните аспекти на професијата.
Посетата на претставниците на Националната спортска академија „Васил Левски“ и Факултетот за јавно здравје, здравствена заштита и туризам од Софија претставува уште еден чекор во насока на интернационализација на високото образование и продлабочување на меѓуинституционалната соработка, со директни можности за студентите, докторандите и академскиот кадар на двете институции.


