Пет студенти и тројца млади лекари од Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип активно учествуваа на 4th International Congress of the Faculty Student Assembly, претставувајќи го својот Факултет и Универзитет преку научни презентации, размена на искуства и воспоставување нови академски контакти.
Д-р Александар Величков и д-р Сара Денкова се претставија со усни презентации на клинички случаи, демонстрирајќи ги своите знаења, истражувачки способности и интерес за современите достигнувања во медицината. Останатите шест студени – Ангела Кочоска, Ванеса Спироска, Ана Марија Минова, Ангела Здравковска, Сара Гулеска и Сара Николова – учествуваа со постер-презентации, преку кои ги претставија своите истражувања и резултати пред учесниците на Конгресот.
„Учеството на Конгресот беше одлична можност да го презентирам својот специфичен случај за хируршко заболување, да разменам искуства со колеги и да воспоставам нови академски контакти. Ваквите настани се важен чекор кон нашиот професионален развој и унапредувањето на медицинската наука“ – вели д-р Величков.
„Како млад лекар ми претставуваше особена чест да презентирам интересен и значаен клинички случај и да бидам дел од настан кој ги обединува младите лекари и нивниот интерес за науката. Како и претходните, така и оваа година учеството ми донесе нови знаења, искуства, мотивација и можности за понатамошно усовршување“ – додава д-р Денкова.
Учеството на студентите претставува значаен придонес кон афирмацијата на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и неговата посветеност на поттикнувањето на научноистражувачката работа, практичното усовршување и активното вклучување на студентите во академската заедница.
„Преку мојата постер-презентацијата имав можност да ја споделам својата научна работа и да слушнам различни перспективи од другите колеги. Конгресот беше одлична можност за учење, размена на идеи и создавање нови контакти“ – истакнува студентката Ангела Кочоска.
„Особено ми беше драго што имав можност да го претставам своето истражување и труд пред поширока академска публика. Конгресот покажа колку се важни соработката, споделувањето знаење и постојаното вложување во науката“ – додава Ангела Здравковска.
Покрај можноста да ги презентираат своите трудови, студентите имаа можност да разменат мислења и искуства со колеги и професионалци од различни академски средини, да дискутираат за актуелни научни прашања и да воспостават нови контакти кои можат да прераснат во идни соработки.
Со своето активно учество, осумте студенти уште еднаш покажаа дека младите од Универзитетот „Гоце Делчев“ имаат знаење, амбиција и подготвеност да бидат дел од меѓународните научни настани, придонесувајќи кон развојот на медицинската наука и градењето посилна академска заедница.


