Search

Недела на италијанскиот јазик во светот – свеченост со предавања на професори од УГД и Орден за заслуги за проф. д-р Јована Караникиќ-Јосимовска

Споделете

Неделата на италијанскиот јазик во светот беше одбележана на УГД со настан насловен „Италија – генијалност и стил: италијанската мода и кулинарство меѓу традиција, креативност и иновација“. Настанот се одржа во тренинг центарот на УГД, а на него свои предавања имаа проф. д-р Душица Попова од Факултет за туризам и бизнис логистика и проф. д-р Сања Ристески од Технолошко-технички факултет при УГД.

За амбасадорот на Република Италија во Македонија, Н.Е. Паоло Палминтери, ова е значаен ден, а уште позначајно е што професорката Јована Караникиќ-Јосимовска доби признание – Орден за заслуги од претседателот на Република Италија, за заслуги за добрите односи меѓу двете земји.

– Ова е многу важен ден за студиите по италијански јазик во Штип, бидејќи како дел од Неделата на италијанскиот јазик во светот, годишен настан што сега е во својата 25-та година, ќе бидеме домаќини на посебен настан: доделувањето на почеста што професорката Караникиќ ја доби од претседателот на Република Италија за нејзините заслуги за односите меѓу двете земји – изјави амбасадорот Палминтери.

Според него, ова е настан фокусиран на концептот на италијанскиот јазик во областите на модата, кујната и знаењето.

– Темата за оваа година всушност се нарекува Италијански, брилијантен јазик, бидејќи има за цел да ја истакне не само големата книжевна, музичка и уметничка традиција на италијанскиот јазик, туку и неговата склоност кон иновации и знаење, конкретни активности.

Амбасадорот Палминтери се задржа и на интересот за италијанскиот јазик кај нас.

– Јас сум задоволен од интересот за италијанскиот јазик во оваа земја. Постојат повеќе од 40 училишта каде што можете да го изучувате италијанскиот како втор странски јазик, а потоа тука се и одделенијата во Штип и во Скопје за продолжување на студиите на академско ниво. Исто така, наидувам на голем интерес за културните активности организирани од Амбасадата; тие секогаш се добро посетени. Гледам дека италијанскиот јазик е доста распространет во земјава, благодарение на Македонската заедница што живее во Италија, што ја создава оваа врска, осигурувајќи дека јазикот е добро познат и широко распространет.

Н.Е Паоло Палминтери, пред почетокот на предавањата, на проф. д-р Јована Караникиќ-Јосимовска свечено ѝ го додели Орденот за заслуги, значајно признание за проф. д-р Караникиќ-Јосимовска, за Филолошкиот факултет, за Универзитетот „Гоце Делчев“, како и за Штип и Македонија во целина.