Search

Божидар Коцевски на УГД: Од Штип до Берлин и меѓународната филмска сцена

Споделете

„Јас сум германски штипјанец, живеам во Берлин и веќе 17 години сум актер“, вели Божидар Коцевски, македонскиот актер кој живее и работи во Германија, а беше гостин на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во рамките на настанот „Филмска вечер со Божидар Коцевски“.

Настанот се одржа во свечената сала на Правен факултет, како дел од „Деновите на германскиот јазик“, во соработка со Амбасадата на Сојузна Република Германија, и беше наменет за студентите на УГД. Во таа пригода беше прикажан филмот „Prange – Man ist ja Nachbar“, во кој Коцевски има улога. Филмот беше проследен со македонски и албански превод, овозможувајќи им на студентите да го следат и без познавање на германскиот јазик.

Актерскиот пат на Коцевски започнал уште во детството. Како што раскажува, уште од мал ги имитирал роднините, а бил активен и во училишниот театар. Љубовта кон глумата го одвела на студии на Универзитетот за уметности во Берлин, каде што четири години го усовршувал својот актерски талент.

„Потоа бев на сцена десет години, а подоцна почнав да снимам филмови и серии. Мојата прва улога ја имав во 2009 година“, раскажува Коцевски.

Во текот на кариерата настапувал на театарските сцени во Фрајбург и Берлин, а во 2015 и 2016 година го снимил својот прв филм. Денес неговата професионална кариера е насочена кон меѓународни продукции, а работата го води во различни европски земји.

„Мојата иднина ја гледам многу интернационална. Не можам да седам на едно место, морам да одам натаму-наваму. Сега имав снимање во Франција, во септември снимав серија што треба да излезе следната година. Работам и во Швајцарија, а патувам многу“, вели актерот.

Коцевски живее во Берлин, каде што има агенција и ги следи кастинг-повиците за германски, но и за меѓународни филмски и телевизиски продукции. Неговото познавање на повеќе јазици – германски, француски, англиски, италијански и македонски – му овозможува да работи во различни културни и продукциски средини.

„Најчесто сум вклучен во играни филмови и во раскажување приказни“, истакнува Коцевски.

Филмската вечер на УГД беше можност студентите да се запознаат со неговото актерско искуство, професионалниот развој и предизвиците на меѓународната филмска сцена, но и да ја видат германската кинематографија низ работата на актер кој своите корени ги носи од Штип.