Студенти од Универзитетот „Гоце Делчев“ учествуваа на меѓународна мобилност во Корушка, Австрија, која се реализираше во рамките на ACE2EU алијансата.
Како дел од програмата „Renewable Energy vs. Nature Conservation – Challenges and Opportunities“, Сара Здравеска од Земјоделски факултет, Ангела Смилкова и Василија Смилкова од Факултетот за медицински науки, разгледуваа како производството на обновлива енергија може во исто време да ја зачува и природата.Преку предавања, теренски посети и практични активности, студентките се запознаа со влијанието на енергетската инфраструктура врз природата. На Сара Здравеска најголем впечаток ѝ оставила посетата на реката Драва и запознавањето со нејзиниот екосистем.
„Ова ми покажа дека обновливата енергија не значи автоматски и целосно отсуство на влијание врз животната средина“, вели Сара.
Во својата група, Сара учествувала во истражувањето и подготовката на завршната презентација. Во неа биле разгледани хидроцентралите Тиквеш, Козјак, Вруток, Шпилје и Глобочица, како и потребата нивните енергетски придобивки да се согледаат заедно со можните влијанија врз природата.
Работата ја насочила и кон мерките што треба да се земат предвид уште при планирањето енергетски проекти: процена на влијанието врз животната средина, заштита на биодиверзитетот и природните живеалишта и грижа за локалните заедници.
„Вистински одржлив енергетски проект е оној што ги задоволува енергетските потреби, а истовремено ја зачувува природата за идните генерации“, истакнува Сара.
За Ангела и Василија Смилкова, студентки во петта година на Фармација, мобилноста ја истакнала поврзаноста меѓу зачувувањето на природата и здравјето на луѓето.
„Особено ми беше интересно да ја согледам поврзаноста помеѓу зачувувањето на животната средина, биодиверзитетот и здравјето на луѓето“, споделува Ангела.
„Ова искуство ми помогна да ја разберам важноста на одржливата животна средина и нејзиното значење за иднината на здравството“, вели Василија.
Мобилноста им овозможила на студентките да разгледаат конкретни примери од Австрија и РС Македонија и да согледаат дека планирањето обновливи енергетски проекти бара внимателно балансирање меѓу енергетските потреби и зачувувањето на природата.


