Search

Студентите од УГД во Австрија ја истражуваа врската меѓу енергијата и природата – со примери од македонските хидроцентрали

Споделете

Студенти од Универзитетот „Гоце Делчев“ учествуваа на меѓународна мобилност во Корушка, Австрија, која се реализираше во рамките на ACE2EU алијансата.

Како дел од програмата „Renewable Energy vs. Nature Conservation – Challenges and Opportunities“, Сара Здравеска од Земјоделски факултет, Ангела Смилкова и Василија Смилкова од Факултетот за медицински науки, разгледуваа како производството на обновлива енергија може во исто време да ја зачува и природата.

Преку предавања, теренски посети и практични активности, студентките се запознаа со влијанието на енергетската инфраструктура врз природата. На Сара Здравеска најголем впечаток ѝ оставила посетата на реката Драва и запознавањето со нејзиниот екосистем.

„Ова ми покажа дека обновливата енергија не значи автоматски и целосно отсуство на влијание врз животната средина“, вели Сара.

Во својата група, Сара учествувала во истражувањето и подготовката на завршната презентација. Во неа биле разгледани хидроцентралите Тиквеш, Козјак, Вруток, Шпилје и Глобочица, како и потребата нивните енергетски придобивки да се согледаат заедно со можните влијанија врз природата.

Работата ја насочила и кон мерките што треба да се земат предвид уште при планирањето енергетски проекти: процена на влијанието врз животната средина, заштита на биодиверзитетот и природните живеалишта и грижа за локалните заедници.

„Вистински одржлив енергетски проект е оној што ги задоволува енергетските потреби, а истовремено ја зачувува природата за идните генерации“, истакнува Сара.

За Ангела и Василија Смилкова, студентки во петта година на Фармација, мобилноста ја истакнала поврзаноста меѓу зачувувањето на природата и здравјето на луѓето.

„Особено ми беше интересно да ја согледам поврзаноста помеѓу зачувувањето на животната средина, биодиверзитетот и здравјето на луѓето“, споделува Ангела.

 

„Ова искуство ми помогна да ја разберам важноста на одржливата животна средина и нејзиното значење за иднината на здравството“, вели Василија.

Мобилноста им овозможила на студентките да разгледаат конкретни примери од Австрија и РС Македонија и да согледаат дека планирањето обновливи енергетски проекти бара внимателно балансирање меѓу енергетските потреби и зачувувањето на природата.