Со солистички пијанистички рецитал во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип, доцент д-р Огненка Герасимовска-Димитровска синоќа одбележа 25 години успешна концертна дејност. Настанот помина во одлична атмосфера, а публиката со силни аплаузи ги награди нејзините прецизни и емотивни изведби.
Јубилејниот концерт се реализираше со поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, уште еднаш потврдувајќи го значењето на ваквите културни настани за локалната и националната сцена.

Д-р Огненка Герасимовска-Димитровска е истакната македонска концертна пијанистка, универзитетска професорка и научна истражувачка, чија работа претставува спој на врвна уметничка интерпретација и академска посветеност на македонската музичка култура. Таа во моментов работи како доцент на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Во нејзината богата биографија се вбројуваат и речиси две децении педагошка дејност (2007–2026) како професорка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, ангажманот како музичка соработничка на Факултетот за музичка уметност при УКИМ, наставата на Факултетот за уметности при Државниот универзитет во Тетово, како и гостувањето како визитинг-професорка на Националниот конзерваториум за музика во Ерусалим, Израел, во 2011 година.


