На Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип се одржа настан за вмрежување на студентите кои биле дел од програмата за студентска размена „Еразмус+“.
Настанот беше организиран од Центарот за меѓународна соработка на УГД, со цел да се поттикне поврзувањето на студентите, да се разменат искуства од меѓународната мобилност и да се развијат идеи за унапредување на активностите за странските студенти кои престојуваат на Универзитетот.Раководителката на Центарот за меѓународна соработка, Сања Стефанова, истакна дека искуствата и перспективите на студентите се особено важни за креирање активности што ќе придонесат за подобро прифаќање и интеграција на странските студенти во академската и студентската заедница.
„Токму затоа, денес, со нив развиваме идеи како да бидеме институција која ќе ги пречека овие студенти, какви активности можеме да организираме и да ја видиме нивната перспектива за тоа што можеме ние како одделение да направиме повеќе за овие студенти и за овие активности“, вели Стефанова.
Таа информираше дека оваа академска година на УГД престојуваат околу 40 странски студенти кои во текот на еден семестар ги посетуваат студиските програми на Универзитетот. Најголем дел од нив доаѓаат од Шпанија, а има и студенти од Италија, Чешка и од Полска.
Како и во претходните години, најголем интерес има за Факултетот за медицински науки, но странските студенти се вклучени и во наставата на Факултетот за информатика, Економскиот факултет и Факултетот за образовни науки.
За значењето на меѓународната студентска мобилност говореше и Ана Марија Минова, студентка во шеста година на Факултетот за медицински науки при УГД, која има искуство со студентска размена во Чешка.
„Тоа искуство за мене значеше многу, бидејќи научив многу повеќе работи, стекнав практично искуство и беше одлично. Покрај програмата Еразмус+, учествував и на AC2EU – програмата во Мадрид, Шпанија, во траење од седум дена, што исто така беше одлично искуство“, истакна Минова.
Таа најави дека во моментов очекува да замине на „Еразмус+“ практикантска мобилност во Шпанија, а на своите колеги им препорача да ги искористат можностите што ги нуди програмата.
„Го препорачувам ова на сите, бидејќи е многу добро академско искуство – искуство што сите треба да го доживеат“, порача Минова.
Преку ваквите активности, УГД продолжува да ја поттикнува меѓународната соработка и студентската мобилност, овозможувајќи им на студентите да стекнуваат нови знаења, практични вештини и искуства во меѓународна академска средина.


