Search

Од студентска мобилност до поголема информираност за лажни вести

Споделете

Универзитетот „Константин Бранкуш“ во Таргу Жиу, Романија, беше домаќин на ACE2-EU мобилноста која обработи една од најзастапените теми на денешницата: „Fake news and social impact“. За времетраење од една недела, студентите имаа можност на подробен начин да се запознаат со распространетоста на лажните вести, нивното влијание во општествениот живот и начинот на превенција. Со помош на практични предавања одржани од претставниците на полицијата стекнаа знаења за секојдневните проблеми кои произлегуваат од дезинформациите.

„Од предавањето на претставниците од полицијата научивме колку е важно внимателно да ги препознаваме лажните вести. Треба секогаш да го проверуваме изворот на информацијата, авторот и дали истата вест е објавена и во други медиуми. Особено треба да внимаваме на претерани и вознемирувачки наслови, лажни фотографии и информации што предизвикуваат страв или паника. Најважно е да размислуваме критички, да не веруваме на сè што ќе прочитаме на интернет и да не споделуваме непроверени информации“, вели Ангела Христовска, студентка на Општа медицина при УГД.

Посетата на едни од најразвиените телевизии и радија во Романија им овозможи на студентите непосредно запознавање со новинарската професија, начинот на создавањето на медиумските содржини, но и одговорноста на медиумите во информирањето на јавноста.

„Посетата на радио и телевизија во Крајова, Романија, за мене претставуваше особено значајно професионално искуство и можност одблиску да се запознаам со функционирањето на медиумите во друга држава, членка на Европската Унија. Во однос на организацијата и начинот на работа, телевизијата функционира на сличен принцип како и медиумите кај нас, но она што остави најголем впечаток беше отвореноста, професионалноста и подготвеноста на вработените да го споделат своето искуство со нас, при што ни овозможија и практично да се вклучиме во работата во студиото. Посетата на радиото, пак, ми откри поинаква слика, особено во однос на просторните и техничките капацитети, со голем број студија, простории и опрема. Особено ме импресионираа мотивацијата и ентузијазмот на луѓето кои работат во оваа професија. Мојот личен впечаток е дека нивната посветеност и верба во работата што ја вршат се на особено високо ниво. Интересно беше и тоа што, и покрај брзиот развој на технологијата и социјалните мрежи, тие не гледаат на промените како закана за радиото, туку како предизвик на кој успешно се приспособуваат. За мене, како студентка на медиумски студии и односи со јавноста, ова беше драгоцена можност да споредам различни медиумски практики, да стекнам нови сознанија и, пред сè, да добијам дополнителна мотивација за сопствениот професионален развој“, истакнува Евгенија Донева, студентка на Медиумски студии и односи со јавноста при УГД.

Како резултат на развојот на вештачката интелигенција секојдневно се создаваат предизвици во однос на вистинитоста на информациите. Критичкото размислување и проверката на изворите на информациите се предуслов младите да се заштитат од невистините информации.

„Бидете генерација која ја препознава вистината! Во време кога информациите се шират побрзо од кога било, важно е да научиме да правиме разлика помеѓу вистински информации и лажни вести. Не верувајте на сѐ што ќе прочитате на социјалните мрежи. Проверувајте ги изворите, споредувајте ги информациите од повеќе медиуми, обрнувајте внимание на датумот на објавување и не споделувајте содржини пред да се уверите во нивната точност. Запомнете дека една непроверена информација може да создаде погрешна слика за реалноста и да влијае врз мислењето на останатите луѓе. Се надевам дека ќе има уште многу вакви меѓународни проекти кои ќе им овозможат на младите да разменуваат искуства и да стекнуваат нови знаења во интеркултурна средина“, вели Александар Трајковски, студент на Правен факултет при УГД.